ЗА ДВЕ ПИЈАНСТВА ЗАД ВОЛАН - ќе се одзема возачката, над 80 години - нема дозвола
Објавено во: Македонија 05 Ноември, 2019
Над 80 години, нема возење автомобил. Ако досега имаше дилеми што ќе донесат измените во Законот за безбедност во сообраќајот, од Министерството за внатрешни работи за Фактор ги расчистуваат нејаснотиите.
Овие законски измени, според МВР, веќе се во собраниска процедура.
Со досегашниот закон возачка дозвола се издава на возачи само до 70 години, а потоа само со лекарско уверение. Тоа обично се продолжува на три години, или зависно од здравствената состојба на возачот.
Со законските измени, пак, овој рок ќе се продолжи за граѓаните до 75 години. Но, се отвори прашањето до кога возачката дозвола ќе им важи на овие постари возачи. Од МВР објаснуваат дека на лицата постари од 75 години возачката ќе им се издава во рок од пет години, но после истекот на тој период, веќе нема да имаат право на возачка дозвола.
Еве ги конкретното објаснувањата од Министерството за внатрешни работи.
„Возачката дозвола се издава со рок на важење од 10 години, а на лицата постари од 75 години, со рок на важење до пет години. На лицата кои во време на издавањето на возачката дозвола имаат повеќе од 70 години возраст, возачка дозвола им се издава со рок на важност до денот на навршувањето на 75 години.
Возачката дозвола може да се издаде или нејзината важност да се ограничи и на рокови пократки од роковите погоре, врз основа на наодот и мислењето на здравствената установа, содржани во уверението за здравствената и психофизичката способност на лицето“, потенцираат од МВР.
Со овие измени, исто така, Законот за безбедност на сообраќајот треба да се усогласи со
Законот за прекршоци, донесен во мај годинава. Одреден е горен
лимит на казните за физички и правни лица. Тоа за граѓаните ќе значи дека највисоката глоба за нив
ќе изнесува 250 евра. Односно, распонот на глобите за физичките лица ќе изнесува од
15 до 250 евра како највисока граница.
Но, за животозагрижувачките прекршоци, казните нема да се намалуваат. За две пијанства зад волан, ќе се предложи да се одземе возачката дозвола.
„Ако од една страна се заложивме за намалување на глобите, постојат сегменти каде мора да се размислува за заострување на казнената политика. Статистиката од контролите кои што ги вршиме покажува дека имаме голем број лица кои управуваат моторно возило над дозволената брзина, под дејство на алкохол или наркотични средства. На ова прашање мораме да најдеме одговор во законот“, велат од МВР.
Законските измени предвидуваат на секој возач кој во период од пет години ќе направи два животозагрозувачки прекршоци да му се одземе возачката дозвола, а за нова да треба да полага одново. Во животно-загрозувачки прекршоци законот ги вбројува возење под дејство на алкохол, пречекорување на брзината и почитување на првенство на минување. За нив нема да има промена во казните.
„Кај прекршоците за кои е превидена забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци (алкохол, брзо возење, престигнување), доколку два пати едно лице му била изречена санкција - забрана за управување со моторно возило, предлогот е да се покрене барање за одземање на возачката дозвола. А штом некој возач прави два пати толку сериозен прекршок, тоа значи дека санкцијата не делувала корективно врз него, па неопходна е построга казна“ велат од МВР.
За возење под дејство на каква било дрога казната е 400 евра, а во зависност од нивото на алкохол во крвта, казните се движат од 200 до 375 евра.
400 евра е и максималната казна за брзо возење во населено место, кога брзината е поголема за повеќе 50 километри на час од дозволената. За надминување до 30 километри на час казната ќе биде 45 евра, а од 30 до 50 километри на час, казната ќе биде 300 евра.
300 евра е и предвидената казна за возачот кој нема да пропушти друго возило и не ги почитува правилата за првенство на минување.
За неносење појас казните ќе бидат 40 евра за возач, а 50 евра за совозач. Зборувањето на мобилен возачот ќе го чини 40 евра, а некористењето трепкачи 35 евра, додека некористењето светла 15 евра дење, и 35 евра ноќе.
Нема повеќе да има ни казнени поени во возачките книшки, тие нема да постојат.
Воедно, се укинува мандатниот платен налог, што значи полицајците нема да даваат мандатни казни, туку сите платни налози ќе бидат прекршочни.
За лицата кои управуваат нерегистрирани моторни возила, МВР сака да ја заостри казнената политика. Со законските измени превидено е посебно овластување, кое е насочено на возилата кои се видно оштетени, нерегистрирани повеќе од 6 месеци и предизвикуваат голема бучава, со што се дава можност да бидат одземени и задржани во одреден временски интервал.
Уште еден новитет кој МВР сака да го регулира, и досега не е регулиран со ниеден закон, а е современ тренд на нашите улици – електричните тротинети, чиј број од ден на ден се зголемува.
„Нашата цел е да бидат заштитени и оние кои управуваат со нив, но да бидат заштитени и граѓаните“, велат предлагачите.
Со измените, возачот на електричен тротинет е должен да го управува
возилото по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку такви не се
изградени, по пешачка патека односно друга површина наменета за движење на
пешаци.
Ако двајца или повеќе возачи на електричен тротинет се движат во група, тие се должни да се движат еден позади друг.
На велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека,
уредени и обележани за сообраќај на електрични тротинети во двете насоки,
истите се движат по десната страна во правецот на движењето на возилата.
Возачот на електричен тротинет, може да се движи само по оние сообраќајни
површини каде што е дозволено движење со такви возила.
На возачот кој ова нема да го испочитува, ќе му следува прекршочен налог со глоба од 80 евра.
Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека
односно лента со брзина поголема од 25 километри на час. Тој не смее да се движи по тротоар, пешачка
патека односно друга површина наменета за движење на пешаци, со брзина поголема
од 6 километри на час. Во спротивно, ќе биде „олеснет“ со казна од 120 евра.
Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години
возраст, во спротивно неговиот родител ќе плати казна од 50 евра. Иста казна ќе следува и за оној возач доколку превезува други лица за време на
управување со возилото.
Возачот на тротинет мора да носи и шлем, како и заштитен елек кога има намалена видливост, во спротивно казните се 50 евра. На електричниот тротинет задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна и светло со црвена боја на задната страна, или глобите се 50 евра.
Нина Нинеска-Фиданоска