02 Декември, 2024
0.0253

За пчеларите е апсурдно и демотивирачки да се плаќа пашарина за пчелите

Објавено во: Агробизнис 05 Јули, 2021

Добивај вести на Viber

Пчеларите во земјава велат дека е апсурдно да се плаќа пашарина за пчелите. Според нив, оваа мерка ќе ги демотивира луѓето да се занимаваат со пчеларство. Додаваат дека и онака имаат трошоци за одгледувањето на пчелите, а секоја година е сѐ полоша и количините на мед се мали. Пчеларите објаснуваат дека треба да бидат стимулирани, а не обременети со нови трошоци.

„Засега пчеларите не се целосно запознаени со предлогот и различно го коментираат, зависно кој како разбрал. Во секој случај, ние се соочуваме со лоши климатски услови, годините не се како порано и доколку имаме просечна година сме задоволни. Можеби не е сѐ така црно, но не е ниту идеално. Плаќањето пашарина ќе придонесе дел од пчеларите да се откажат од професионално занимавање со пчеларство, нема да се пријавуваат во регистарот“, вели Владимир Петровски, претседател на Здружението на пчелари „Полошки мед“.

Ванчо Кировски, пчелар од Кочани објаснува дека мерката за плаќање пашарина за пчелите е неумесна. Според него, треба да се направи анализа и да се види како да им се помогне на пчеларите. Дополнително, пчеларите потенцираат дека е многу важно субвенциите да се исплаќаат навреме.

„Доколку се потребни пари во државната каса, да му се даде на пчеларот државно земјиште на кое ќе биде поставен пчеларникот, но за плаќање не може да биде по пчелно семејство, затоа што тој број варира и не може точно да се следи. Тука се јавува парадокс, може бројот на пчелни семејства да се зголеми, или да се намали со угинување. Се мисли дека пчеларите не плаќаат ништо, но не е така, затоа што имаме трошоци за прехрана на пчелите, за нивно селење, за опрема, за вадење на потврди кај ветеринар, а се знае дека пчеларниците се надвор од урбана средина и самото одење до нив и враќање назад создава трошоци. Јас 28 години се занимавам со пчеларство, така што тогаш и сега не е исто. Воедно, нам ни треба едукација, затоа што секој не може да извади квалитетен мед“, додава Кировски.

Според Предлог законот за пасишта кој е објавен на националниот регистер на прописи (ЕНЕР), со членот 23 се предвидува за колективно напасување дека пчеларите ќе плаќаат по 0,3% од просечна годишна плата по пчелно семејсто.

Покрај ова пчеларите кои закупиле пасиште во државна сопственост ќе треба да платат и одредена закупнина која е постигната за време на јавното наддавање за давање под закуп на пасиштето. Најмал период на земање под закуп на пасиштето е 5 години за пасишта кои не се регистрирани односно на кои не е извршена негова инвентаризација, на 10 години за напасување на ситен и крупен добиток или до 30 години, ако се користи за спортско-рекреативни активности и рурален туризам или производство производи од добитокот.

Во Македонија има околу 6.000 пчелари со околу 230.000 пчелни семејства.

Сања Атанасовска

foto freepik

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.