ЗА ПОНИСКИ КАМАТИ МАЛКУ ЌЕ ПОЧЕКАМЕ, АМА БАРЕМ ВЕЌЕ НЕ ОДАТ НАГОРЕ - НБМ реши да ја задржи основната камата на 6,3 отсто
Објавено во: Финансии 31 Јануари, 2024
Народна банка ја задржува основната каматна стапка на 6,3 отсто, одлучил Комитетот за монетарна политика на банката.
„Каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30 отсто, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20 и 4,25 отсто, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
На седницата било оценето дека тековното ниво на каматните стапки е соодветно на условите во економијата и заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и со преземените макропрудентни мерки, ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс.
„Во услови на поволен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлациските очекувања и инфлацијата на потрајна основа, а имајќи ги предвид ризиците. Имено, домашната инфлација во декември 2023 година изнесува 3,6 отсто на годишно ниво, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории, во согласност и со преземените монетарни мерки. Во услови на слични движења на инфлацијата кај нас и во еврозоната, разликата во годишните стапки е мала. Поумерени се и инфлациските очекувања на потрошувачите искажани во декемвриските анкети на Европската комисија. Просечната домашна стапка на инфлација се сведе на 9,4 отсто во 2023 година, во согласност со очекуваната стапка од 9,5 отсто. Сепак, нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат, за што придонесуваат неизвесноста од движењето на цените на светските берзи, но и одредени домашни фактори. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во јануари повторно беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво“, се вели во соопштението од централната банка.
Од НБМ велат дека состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни.
„Нивото на девизните резерви на крајот на декември изнесува 4.538,5 милиони евра, што според меѓународните стандарди и показателите коишто се следат, е соодветно ниво за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во текот на изминатата година, девизните резерви забележаа раст, којшто ги надмина очекувањата и главно е резултат на релативно високите интервенции на Народната банка за нето-откуп на вишокот девизни средства од банкарскиот систем. Поволните поместувања на девизниот пазар се резултат на намалените притисоци од енергетската криза, а со тоа и помалата побарувачка од страна на фирмите, зголемената понуда на девизи од физичките лица како сигнал за доверба во домашната валута, како и општо добрата девизна ликвидност на банките. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор за периодот октомври − ноември 2023 година, тие засега упатуваат на малку понизок трговски дефицит за последниот квартал од годината од очекувањата според октомвриската проекција, а поповолни се остварувањата и на менувачкиот пазар заклучно со декември 2023 година“, објаснуваат монетарните власти.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.