17 Декември, 2025
0.0433

УСПЕШНИ ВО СТРАНСТВО: Нашинец е архитект на здравствениот систем на Катар!

Објавено во: Економија 09 Август, 2013 08:23

Добивај вести на Viber

Хусеин Река е од Македонија и веќе 5 години живее и работи во Катар, во Врховниот Совет за Здравство. Тој е еден од неколкуте експерти кои го создадоа здравственото осигурување во Катар, коешто допрва ќе почне да се применува. За сите предизвици во работењето, но и во секојдневието во оваа Арапска земја, како и за мотивите за заминување од Македонија во 2006 година, Хусеин Река раскажува во интервју дадено за Фактор.  ФАКТОР Можете да се пофалите дека вашиот потпис стои зад поставувањето на дел од здравствениот систем во Катар, поточно зад здравственото осигурување. Што е она на што напорно работевте неколку години во Катар? Што подразбира новиот систем на здравствено осигурување во оваа Арапска земја? Кои се бенефитите за  граѓаните? РЕКА Воспоставувањето на Националната здравствена стратегија 2011-2016 и нејзините 7 цели, а со тоа и на задолжителното здравствено осигурување во Катар беше еден од приоритетите на Врховниот Совет за Здравство на Катар (Supreme Council of Health) кадеѓто работам во моментот. Го менаџирав овој многу важен проект којшто имаше многу големи предизвици и системски недостатоци. Се соочив со низа предизвици од моментот на градење на канцеларијата за менаџирање на проектот и создавањето на Стратегијата од 2009 година, до пред неколку недели кога ја лансиравме пилот-фазата на системот за здравствено осигурување. Најтешкиот дел беше да се донесат стратешките одлуки во највисоките инстанци во Владата на Катар во однос на градењето на политиките за воспоставување на системот. Се соочив и со недостатокот на подготвеност на здравствените установи да функционираат во модерен систем на финансирање на здравствените услуги, какао што се стандардизираното кодирање, информатичката технологија, нов систем на плаќање по услуга, за што беа потребни 12 месеци за обука и едукација, како и преговори околу цените на услугите и потпишување на договори за нив. Воспоставувањето на Националниот Фонд за здравствено осигурување, тендерот за купување на информатичкиот систем, како и носењето на Законот за здравствено осигурување беа дел од предусловите за системот да започне со работа. Кратко речено, воведувањето на еден ваков нов систем на финансирање на здравството, малку познат за Катар, бараше многу труд и работа, но пред се трпение. Овој нов систем на здравствно осигурување ќе донесе двоен бенефит, и за осигурениците лично и за здравствениот систем во целина. Додека системските придобивки се повеќекратни и се посебна тема за дискусија (подобро планирање, поголема транспарентност, поефикасни здравствени услуги, а со тоа и подобрување на квалитетот на услугите), бенефитите за граѓаните се многу воочливи и практични. Граѓаните не се повеќе лимитирани во однос на јавните здравствени установи, каде што има долги листи на чекање и мораа да плаќаат од џеб за да добијат услуги од приватниот сектор. Сега жителите на Катар имаат избор на здравствена установа, јавна и приватна, каде што правото на здравствени услуги можат да ги стекнат само со лична карта. Давачките значително ќе се намалат и за граѓаните кои до сега немаа приватно здравствено осигурување, додека за голем дел од популацијата (трудовите работници) правото на здравствени услуги ќе им биде загарантирано. Ќе се почувствуваат и многу други придобивки од аспект на администрацијата, како што се кол центри, електронски записи на податоци, здравствен портал, апликации, кои ќе им го олеснат патот на осигурениците до реализација на нивните права за навремена и ефикасна здравствена услуга. ФАКТОР Бесплатно ли е здравственото осигурување во Катар? Кој ги презема обврските за трошоците, Владата на Катар или приватните оператори? РЕКА Здраственото осигурување ќе биде финансирано од Владата на Катар за државјаните на оваа земја, додека за странците со привремен престој – работодавачот ќе ја покрива 100% од премијата (придонесот за здравствено осигурување). Овие средства ќе се слеваат во Буџетот на националниот Фонд за здравствено осигурување, кој ќе купува здравствени ослуги за нејзините осигуреници и ќе се грижи тие услуги да бидат од највисок квалитет. Приватните осигурителни компании ќе имаат право да осигуруваат само во делот на дополнителното или доброволното здравствено осигурување, кое исто така ќе биде регулирано од страна на Врховниот Совет за здравство на Катар. ФАКТОР Покрај локалното население , од година во година во Катар се поголем е бројот и на Македонци кои работат и живеат таму? Какво е нивното право за остварување на здравствено осигурување во Катар? РЕКА Евидентен е трендот на зголемување на бројот на граѓани од Македонија кои работат во Катар. Лично немам податоци колкав е нивниот број, но во Доха веќе не е реткост да сретнете Македонци. Граѓаните на Република Македонија со привремен престој во Катар ќе почнат да ги чувствуваат придобивките од овој систем во третата фаза од проектот, која се очекува во 2015 година. Придобивките за нив ќе бидат исти како и за сите други осигуреници. ФАКТОР Како поранешен директор на одделот за меѓународна соработка во Фондот за здравствено осигурување во Македонија кој својата професионална надоградба ја продолжи во Лондон, а потоа и во Катар, можете ли да ни ги предочите сличностите на Македонското и Катарското здравствено осигурување? Кои се предностите и мааните на здравственото осигурување во овие две земји, иако се работи за сосема различни држави со различно уредување. РЕКА Двата системи се многу слични бидејќои се базираат на т.н Бизмарков систем на социјално здравствено осигурување. Начелата се речиси идентични, со таа разлика што во Катар системот ги има предвид локалните околности и културниот контекст (вид на услуги кои се покриваат или не се покриваат, број на членови на семејство, начинот на финансирање, итн.) Најголемата разлика ја гледам во користењето на модерна технологија во Катар (e-Health). Здравството во Катар има амбициозни планови за воспоставување на интегриран здравствен електронски систем со централизирани записи кои се собираат во националното складиште на податоци во Врховниот Совет за Здравство. Овој систем ќе се поврзе и со големи меѓународни дата-бази за да се предвиди трендот на користење и потрошувачка на услуги во здравството. Овој тн. Интелегентен бизнис-систем ќе овозможи иновативни начини за справување со предизвиците во здравството во Катар. Ред други иновативни програми како што се Програмите за менаџирање на болести, особено во областа на дијабетот и кардиоваскуларните заболувања, менаџирањето на односот со клиентите, апликациите на мобилен телефон итн. Се другите разлики кои ги гледам меѓу системот во Македонија и Катар и се надевам дека истите наскоро ќе бидат реалност и во Македонија, ако веќе не се. ФАКТОР Веќе 5 години живеете и работите во Катар, во Врховниот Совет за здравство? Кои се вашите професионални предизвици (каде се гледате понатаму)? Гостопримлива ли е оваа земја за странците, се чувствувате ли како дома? РЕКА Катар е многу гостопримлива и толерантна земја. Од речиси дво милионското население, две третини се странци со привремен престој од различни земји и нации. Државата е стабилна, безбедна и удобна за семеен живот, земајќи го предвид регионот во кој се наоѓа. Што се однесува до мојот професионален ангажман, моментално работам во Врховниот Совет за здравство кој е единствениот регулатор на здравствениот систем во Катар, кој за разлика од другите министерства има повисок степен на автономија, но и одговорност, бидејќи за својата работа директно дава отчет пред Неговото Височество Емирот на Катар.Ова не е случај само со здравството, туку и со секторите образование и Информатичката технологија, области на кои им се дава извонредно внимание и приоритет. Мојот следен предизвик е во следните 2 години проектот да добие универзална покриеност на населението во Катар, без оглед на нивниот статус. Во меѓувреме  сум фокусиран и на улогата на регулатор на секторот за здравствено осугурување во Катар и подобрувањето на транспарентноста на здравствениот систем. ФАКТОР Кои беа мотивите да заминете од Македонија? Кои се причините поради кои би решиле да се вратите, односно да не се вратите повторно во Македонија? РЕКА Мотивите беа едукација и можност за апликација на знаењата и вештините во странство. Во 2006 година ми се укажа можност да следам постдипломски студии во престижниот London School of Economics во областа на Меѓународни здравствени политики и од тогаш патот ме води во места и области со предизвиди, каде што со мојата работа придонесувам за подобрување на статусот и работите на луѓето. Истите мотиви би биле причина да се вратам или да не се вратам во Македонија. К.П

Можеби ќе ве интересира

Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца

Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца

Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје

Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје

„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега

„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега

КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години

КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години

Кончар потпиша договор со позната американска компанија

Кончар потпиша договор со позната американска компанија

Откриено што ја чека германската економија

Откриено што ја чека германската економија

ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар

ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар

Најскапиот град во светот за излегување е во Азија

Најскапиот град во светот за излегување е во Азија

Сијарто: Унгарија потпиша договор со САД за снабдување со течен природен гас

Сијарто: Унгарија потпиша договор со САД за снабдување со течен природен гас