Заев: Да се сеќаваме на модерната архитектура на Скопје, без разлика на раните од антиквизацијата
Објавено во: Македонија 26 Јули, 2019
Премиерот Зоран Заев на одбележувањето на денот на катастрофалниот земјотерс во главниот град од 1963 порача дека Скопје, покрај жртвите, се сеќава и на заслужните за модерната архитектура, наспроти како што вели шефот на Владата, раните направени од антиквизацијата во последниот период.
„Пред точно 56 години големиот часовник на Старата железничка станица замрзна во Скопје. До денешен ден сведочи дека само дваесет секунди беа доволни да запре животот на градот, животот на над илјада скопјани, а кога се спушти прашината и кога замре злокобниот звук светот ја виде катастрофата.
За неколку дена најголемите имиња на светската архитектура дојдоа во Скопје и ја обединија желбата на милионите обични луѓе кои се молеа и донираа за Скопје, повторно да го врати пулсот на градот.
Денес без разлика на новите рани направени со антиквизацијата, ние се сеќаваме на жртвите на земјотресот, но и на оние кои градот го направија сериозно поглавје во модерната архитектура.
Скопје се сеќава!“, гласи пораката на Заев утринава.
Како дел од програмата за одбележување на 56 години од катастрофалниот земјотрес во Градскиот парк ќе се одржи концерт на кој ќе настапат неколку балкански ѕвезди: Влатко Стефановски, Танос Ставридис (најпознатиот грчки accordion (хармоника) музичар), Биља Крстиќ и Биг Бенд.