Загребска берза стана втор најголем акционер во Македонската берза
Објавено во: Економија 06 Јули, 2022 08:47
Загребска берза има сериозни намери да стане најсилен оператор на пазари на капитал во земјите на нашиот регион. По превземањето на Љубљанската берза, од 2019 година до сега купувајќи 17 отсто од акциите стана втор најголем акционер и во Македонската берза за хартии од вредност
Загребска берза стана втор најголем акционер во Македонската берза откако докупи 9,99% од акциите со право на глас, објави деновиве нашата берза. Сега „Загребска берза“ е втор најголем акционер во Македонската берза за хартии од вредност и поседува 17,05 отсто од акциите во македонскиот оператор на пазар на капитал.
Овој гест на „Загребска берза“ покажува дека намерите на оваа компанија се многу сериозни во однос на работењето на македонската берза која е сестринска компанија од аспект на дејноста. За нашата берза окрупнување во акционерската структура од страна на оператор на пазар од земја членка на ЕУ значи посилно профилирани можности за развој на сервисите и понудата на берзата. Затоа што сега менаџментот на нашата берза ќе може да смета на поголема поддршка од сестринска компанија која оперира и организира пазар на капитал во држава – членка на Европската унија.
Овој потег на менаџментот на Загребска берза беше очекуван. Особено по неуспешниот обид за превземање на акциите кои во Македонската берза ги поседуваше „Еуростандард банка“.
Намерите за развој на Македонската берза во своето интервју за „Фактор“ ги најави и Ивана Гажиќ, директорката на Загребската берза. Во таа пригода Гажиќ истакна:Македонскиот пазар на хартии од вредност ни е навистина близок и нашата соработка трае со години. Досега одлично сме соработувале на бројни проекти и увидовме дека Македонска берза е многу добро организирана компанија којашто, меѓу другото, успешно одговара на се’ поголемите регулаторни барања со кои се соочуваат сите берзи во Европа. Ние во Хрватска успешно ја поминавме имплементацијата на директивите MIFID I и MIFID II, а целиот процес на прилагодување само што не започнал за учесниците на македонскиот пазар на хартии од вредност. Овој процес значително го менува пазарот и начинот на кој учесниците треба да ја организираат својата работа и затоа предизвиците што се пред нив се големи. Се надеваме дека во секој случај ќе можеме да помогнеме во успешно спроведување на овој процес.
Поконкретно, нашата стратегија е да ги развиваме локалните пазари на начин на кој тие можат успешно да одговорат на сите барања на националната економија и да овозможиме финансирање на компаниите во сите развојни фази. Нашето ширење и поврзување со регионалните берзи започна во 2015 година со купување на 100 отсто од Љубљанска берза од Виенска берза. Откако ја купивме оваа берза, значително го зголемивме бројот на вработени и пренесовме многу знаење и услуги од Загреб во Љубљана. Нашата експанзија во суштина ги зајакна и двете берзи и овозможи одредени синергии.“
Целото интервју е достапно на следниот линк https://faktor.mk/sekoja-drzavna-kompanija-da-kotira-na-berza-jas-sum-radikalna-ekskluzivno-intervju-so-direkorkata-za-zagrebska-berza-ivana-gazikj
Најголем поединечен акционер во Македонската берза, според официјалните податоци од финансискиот извештај на Македонска берза на крајотна 2021 година е е Шпаркассе банка која поседува 19,5 отсто од акциите. „Комерцијална банка“ и ТТК Банка поседуваа по 9,99 отсто од акциите, а „Стопанска банка Скопје“ 9,92 отсто. НЛБ Банка поседувала 6,09 отсто, а КБ Публикум Инвест 5,48 отсто. ЦКБ Банка имала 5,3 отсто, а останатите акционери контролираат 21,3 отсто.
Македонската берза лани од провизии и надоместоци за тргување заработила 955.000 евра и остварила нето добивка од работењето во износ од 359.000 евра.
Р.Ф.Можеби ќе ве интересира
Добро платени работни места за луѓе кои мразат состаноци
Украинските напади и санкции го земаат својот данок – ова не се случило со Русија од 2022 година
Историски максимум: Од почетокот на годината, цената на овој метал се зголеми за 113 проценти
Што кажува банкротот на iRobot за глобалниот пазар на роботски правосмукалки?
Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?
Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците
Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност




