Алармантен бројот и на суспектните на ковид: Тешко до термин за ПЦР-тест и за оние кои имаат симптоми и оние кои биле во контакт со заразен
Објавено во: Македонија 30 Октомври, 2020
Бројот на
позитивните на корона вирусот два дена по ред е над 800, но тоа што посебно ги
загрижува матичните лекари е дека имаат многу повеќе пациенти кои покажуваат
симптоми на ковид, но никако не можат да им закажат термин за тестирање во
државните лаборатории. Велат дека и покрај зголемувањата на тестирањата на
дневно ниво кои ги најавија здравствените власти, термин на одреден пациент
може да се закаже дури по 4-5 дена.
-Ова е сериозен проблем. Пациентот кој има температура, кашла, се задишува треба да биде тестиран најмногу за ден-два. Но, едноставно нема термини. Најрано можам да му закажам за пет дена, а верувајте, ако е позитивен на вирусот, за тие пет дена некои може да развијат многу потешка клиничка слика, иако ние како матични лекари даваме и терапија, во ниту еден момент не ги оставаме туку така. Сметам дека и покрај дополнителните лаборатории, во Козле на пример, или дополнителниот пункт во Институтот за јавно здравје, бројот на пациенти кои сега ги имаме е многу поголем од предвидените 2000 тестирања дневно во јавните здравствени установи. Нивната бројка е повеќе од алармантна, зошто кај нас секој втор пациент или бил во контакт со заразен или ги има симптомите, велат од неколку матични лекари со кои разговараше Фактор.
Тие јасно посочуваат дека не гледаат вина во здравствените власти, особено што навистина сметаа дека ќе има подобрување во однос на слободни терминини за ПЦР-тестирања со зголемувањата на бројот на 2000 дневно, но како што велат, алармантно загрижува огромниот број на пациенти со такви симптоми.
-Тоа значи дека вирусот е раширен неконтролирано и единствено што советуваме, особено на нашите повозрасни пациенти, колку што можат да не излегуваат од дома, а ако имаат потреба тоа да го направат, задолжително да ги почитуваат сите мерки на заштита. Да не се задржуваат никаде подолго, во маркетите, на пазар, во банки, секаде каде што концентрацијата на луѓе е поголема, велат матичните лекари.
Како друг сериозен проблем, тие го нагласуваат тоа што дел од пациентите никако не влегуваат во алгоритмот за тестирање, а нивната клиничка слика барем со еден симптом упатува на вирусот.
-Исплашени се, нормално. Немаат сите пари приватно да се тестираат. А верувајте, на дел од нив кои можеа да отидат во некоја од приватните лаборатории, тестовите им беа позитивни на Ковид-19, но, за жал алгоритмот за тестирање во јавните здравствени установи, упорно ги исфрлаше од системот. Имаме и такви пациенти, кои поради предолго чекање за тестирање, завршија и во ГОБ „8 Септември“ и на Клиниката за инфективни болести, и тоа со навистина многу тешка форма на болеста, појаснуваат лекарите по општа медицина.
Инаку, од пред неколку дена во Институтот за јавно здравје покрај постојното приемно одделение функционира уште едно одделение за прием, со лаборант и администратор со што е забрзана процедурата за земање тестови за Ковид-19. Пунктот работи секој ден од 7.30 до 14 часот за земање брисеви а од 18 до 20 часот за подигнување на резултатите. Од Институтот информираа дека со отворањето на новиот пункт ќе се зголеми бројот на тестирања на дневно ниво и е предвидено дневно да се вршат до 1000 тестови, што е за околу 150 тестови повеќе во однос на досегашните. Институтот располага со доволен број тестови за Ковид-19. Епидемиолошката служба е ангажирана во две смени, и се креирани и дополнителни термини за тестирање во системот МојТермин. Освен тоа, како што беше соопштено до страна на Министерството за здравство, предвидено е да се обезбедат вкупно 350 дополнителни тестови, по 100 на дневно ниво во Центарот за јавно здравје и во лабораторијата во Козле, како и споменатите 150 во Институтот за јавно здравје. Со овие дополнителни тестови, капацитетот на тестирање и достигнува дневна бројка и до 2000 тестирања во јавните здравствени установи.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.