ЗАВРШУВА ЛИ КОНЕЧНО САГАТА ЗА ЕУРОСТАНДАРД БАНКА? - набргу ќе има Завршно собрание на доверители, ќе се носи конечна одлука за зградата
Објавено во: Финансии 07 Април, 2023 07:30
По повеќе од две и пол години, изгледа дека во април конечно ќе заврши сагата за пропаднатата Еуростандард банка.
За 19 април оваа година е закажано завршно Собрание на доверители на банката, на кое ќе се носи одлука за тоа дали ќе се одобри продажбата на последното и едно од највредните парчиња од имотот на Еуростандард, а тоа е зградата на банката во центарот на Скопје.
Како што е познато, за оваа зграда компанијата Пантелеон ГС понуди 5,4 милиони евра и со тоа беше највисока понуда на електронската аукција, а за оваа понуда треба да одлучи токму Собранието на доверителите.
„Основниот граѓански суд Скопје со решение од 28 март 2023 година, преку стечајниот судија Сашка Трајковска, закажува Завршно собрание на доверители на должникот Еуростандард банка АД Скопје во стечај за ден 19 април 2023 година, во 10 часот, во Основен граѓански суд Суд Скопје. Донесување на одлука во врска со спроведената електронска продажба на недвижен имот – стечајна маса на должникот. Огласот ќе биде објавен во Службен весник, во еден дневен весник, и на огласната табла на судот“, се вели во објавата од Основен граѓански суд Скопје.
Од компанијата Пантелеон ГС сметаат дека нивната понуда од 5,4 милиони евра е солидна за зградата на Еуростандард банка, и дека доверителите би требало да ја прифатат, бидејќи на тој начин ќе дојде сериозна сума во стечајната маса, од која ќе има значајно обештетување за доверителите.
Почетната проценета цена за зградата беше околу 8 милиони евра и со неа стартуваше проджбата, но на третата аукција највисоката понудена цена за зградата беше 5,4 милиони евра, од компанијата Пантелеон ГС, и токму за која сега треба да се донесе одлука на Собранието на доверители.
Објектот вклучува 1.977 м2 канцелариски простор, 1.512 м2 под земја наменети за трезор, архива, помошни простории и 20 паркинг места, или вкупна површина од 3.489 квадратни метри.
Пред три недели, пак, за штедачите на Еуростандард банка, беше објавено дека ќе поделат нови 11 милиони евра, пари кои се собрале во стечајната маса, што всушност ќе значи дека сразмерно ќе добијат по 21,5 отсто од вредноста на нивните поединечни депозити кои ги чувале во банката.
Преку објава во дневен весник, стечајниот управник ги повика да извршат увид во планот за распределба на овие пари.
Како што е познато, ова беше втора исплата од стечајната маса на Еуростандард банка, откако во првиот наврат на штедачите им беа исплатени околу 50 милиони евра, и во која исплата беа подмирени главно сите штедачи физички лица, а останаа за исплата правните лица, кои се сметаат за доверители од втор ред.
Нашите сознанија говорат дека овие 11 милиони евра ќе се распределат главно меѓу компании депоненти на банката, но тука влегуваат и физички лица кои штеделе со повластени каматни стапки, а кои според правилата, не беа подмирени од Фондот за осигурување на депозити, ниту, пак, од втората транша од стечајната маса.
Во оваа сума од околу 11 милиони евра, значи, не се влезени парите од зградата на Еуростандард банка во центарот на градот, бидејќи таа се уште не е продадена.
Инаку, Народната банка на Македонија дозволата за работење на Еуростандард банка и ја одзеде точно на 12 август 2020 година, а наредниот ден до судот достави предлог за отворање стечај врз банката.
Гувернерката Анита Бежоска Ангеловска, веста за пропаста на банката ја соопшти на вонредна пресконференција, нагласувајќи дека Еуростанд банка не ги исполнила минималните услови за работа. Беше соопштено и дека имало напори за решение на проблемот, но тие не вродиле плод.
На ликвидацијата на банката за целиот период жестоко реагира еден од сопствениците на Еуростандард банка, бизнисменот Трифун Костовски.
Фондот за осигурување на депозити, кога последен пат се огласи околу исплатата на штедните влогови до 30 илјади евра, соопшти дека ја одиграле најважната улога.
„Од 15.09.2020 година кога започна исплатата на обештетувањето на депонентите на Еуростандард банка, до денес, има исплатено 90,5 отсто од вкупно пресметаното обесштетување. Покрај оваа исплата која сѐуште се одвива преку четири банки исплатувачи, Фондот работи и на исплата на наследниците на депоненти кои починале. До сега се обработени преку 300 случаи на исплати на наследници“.
За исплата на штедачите до 30 илјади евра, Фондот издвои вкупно 68 милиони евра.
Уставниот суд на земјава, пак, во мај 2021 година, донесе Одлука со која се укина член 163 став 3 од Законот за банките. Со оваа Одлука, Фондот за осигурување на депозити го загуби правото на приоритетна наплата на своето побарување од стечајната маса на банката
Н.Н.Ф.Можеби ќе ве интересира
ДРЖАВНА ИНСТИТУЦИЈА БАРА РАБОТНИЦИ ЗА ПЛАТИ КОИ ДОСТИГНУВААТ ОКОЛУ 70 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ – еве кои профили се бараат
АЛАРМАНТНО: Хрватите соопштија колку работници ќе им требаат во следните пет години
АЛТА БАНКА ЈА СТОПИРАШЕ ОДЛУКАТА ЗА КАДИЕВСКА ВОЈНОВИЌ - поранешната вицегувернерка сепак нема да биде дел од УО
СО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ ОБЈАВЕНИ ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ШТО НЕ ПОДНЕЛЕ ИЗЈАВА ЗА ИМОТНАТА СОСТОЈБА: Меѓу нив се и дел од старо новите скопски градоначалници
Ова се просечните годишни плати во европските земји: Разликите се огромни, еве зошто
Рекорд на сите времиња: Илон Маск е најбогатиот човек во човечката историја
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Голем скандал во автомобилската индустрија: Возачите плаќале повеќе, производителите на батерии казнети со 72 милиони евра
Димитриеска-Кочоска: Буџетот е во одлична кондиција и обврските нема да останат несервисирани




