ЖЕЛБА ЗА 2021 ГОДИНА - Александар Манев: Сакам да видам нови компании и млади и среќни луѓе со цел и визија
Објавено во: Економија 31 Декември, 2020
Многу надежи за подобра година, многу посакувања, како никогаш досега очекувања да е подобра од претходната. Во 2021 година влегуваме сите со заедничка желба - овој здравствен предизвик да заврши. Пандемијата ги помести нашите очекувања, нашите приоритети се други, сите други желби имаат помала вредност. 2020 има лош знак, иако можеби за многумина беше и успешна. Успех е и да се зачува здравјето, да се помогне некому, добра работа е да се предизвика нечија насмевка. Такви луѓе има многу. Во деновите пред и по стартот на новата година Фактор објавува новогодишни изјави од медицински експерти, стопанственици, банкари, политичари – сите зборуваат за нивните очекувања во следната година.
Александар Манев е генерален директор на „Кроациа осигурување - Неживот“.
Годината која е на заминување, смета тој, на сите ни одржа една добра лекција, а таа е дека предизвици од секаков карактер се секогаш можни, па ние како држава мораме да бидеме многу поподготвени за нив, и да бидеме способни брзо да реагираме во решавање на проблемите. Политичарите, порачува Манев, пред се оние кои се на клучните позиции во државава, мора да постигнат еден консензус за тоа кои се приоритетите на земјава, и како ефикасно да делуваат во таа насока. За неговиот фах, економијата, посакува конечно да го види оној сериозен напредок што ни е неопходен за да ја оставиме зад нас сиромаштијата, и неа да ја замениме со нови отворени компании и нови работни места, кои ќе продуцираат среќни и креативни млади луѓе, но за тоа носителите на економските политики мора да имаат јасна цел и визија. Манев говори дека во следниот период негов голем предизвик ќе биде „Кроациа осигурување - Неживот“ да ја направи лидер на осигурителниот пазар, како бренд кој одамна постои и гарантира сигурност. Осигурувањето, пак, треба да си го заземе местото што му припаѓа, а тоа е да биде една од клучните алки во финансискиот систем. Групацијата Фактор, ќе продолжи со квалитетните содржини, со кои е силен конкурент на медиумскиот пазар во земјава.
„Сакам да извлечеме поука од она што се случи досега, во поглед на флексибилноста на оваа држава, во поглед на предвидувањето на некои неочекувани настани и кризи, како што беше оваа пандемија со коронавирусот, којашто сите не затекна, не само во Македонија, туку и глобално. Но, клучно од сето ова е дека треба да бидеме поподготвени за сите оние предизвици за кои е извесно дека и во иднина ќе се случуваат. Мора подобро да бидеме организирани и да сфатиме дека мора да се потпираме сами на себе. Иако светот претендира да глуми едно големо семејство, очигледно е дека во време на една ваква пандемија, оние кои што се носители на клучните одлуки треба навреме да ги предвидуваат правците и целите, но и да бидат пофлексибилни и да носат брзи одлуки.
Овде зборувам пред се на здравствен план, додека, пак, на политички план треба да се направи консензус кај политичките чинители и кај влијателните луѓе, за тоа како поуспешно да се најде излез од кризата.
На економски план, пак, сакам едноставно да и кажеме збогум на сиромаштијата, сакам да видам економски напредок, сакам да видам менување на работите, сакам да видам дигитална економија, сакам да видам млади и среќни луѓе, кои имаат амбиција и креативност, сакам отворање на нови компании, и пред се сакам да видам дека носителите одлуките на државата, имаат визија и цел за оваа економија. Доста се веќе голи бројки и нереализирани идеи, потребен е еден национален консензус и палење на црвениот аларм, бидејќи со ова темпо, ние практично немаме економска иднина.
Од друга страна, на личен план, среќен сум што сум жив и здрав, но и тоа што професионално реализирав многу работи. Она што ми е најбитно, е тоа што се вратив таму каде што природно припаѓам – во светот на финансиите. Мојата визија е „Кроациа осигурување - Неживот“ во следниот период да ја направам лидер, бидејќи е бренд кој постои од 1884 година и кој нуди гаранција и сигурност. Мислам дека целиот осигурителен пазар ќе си го заземе она место кое што му припаѓа, а тоа е да биде една од клучните алки на финансискиот систем.
Во поглед на медиумскиот свет, пак, мислам дека во она што го работиме во изминативе години во Групацијата Фактор, се утврдува дека практично и немаме конкуренција, и од аспект и на квалитет на содржините сметам дека ни нема рамен.
На сите им посакувам среќни празници, благосостојба и иднина“, вели Александар Манев за Фактор.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.