ЖЕЛБА ЗА 2021 ГОДИНА - Антонио Аргир: Маските да станат минато, а НЛБ Банка ќе биде голема поддршка во заздравувањето на економијата
Објавено во: Економија 31 Декември, 2020
Многу надежи за подобра година, многу посакувања, како никогаш досега очекувања да е подобра од претходната. Во 2021 година влегуваме сите со заедничка желба - овој здравствен предизвик да заврши. Пандемијата ги помести нашите очекувања, нашите приоритети се други, сите други желби имаат помала вредност. 2020 има лош знак, иако можеби за многумина беше и успешна. Успех е и да се зачува здравјето, да се помогне некому, добра работа е да се предизвика нечија насмевка. Такви луѓе има многу. Во деновите пред и по стартот на новата година Фактор објавува новогодишни изјави од медицински експерти, стопанственици, банкари, политичари – сите зборуваат за нивните очекувања во следната година.
Антонио Аргир е претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка. За Фактор вели дека годината што ја оставаме зад нас беше навистина полна со предизвици, но ни покажа и колку сме подготвени да се трансформираме во кус период. Банката успеа и во време на криза максимално квалитетно да ги опслужува клиентите, но и да им ја понуди можноста за одложено плаќање. Не заборави воопшто и на општествената одговорност, давајќи голема финансиска поддршка за јавното здравство. За годината пред нас, Аргир најавува дека НЛБ Банка ќе остане фокусирана на клиентите и на иновациите. Дополнителен поттик ќе биде фактот што НЛБ Групацијата се прошири со нов член - Комерцијална банка Белград. Аргир очекува дека светот постепено ќе се враќа кон старото нормално, стопанството ќе заздравува, а земјава ќе ги почне преговорите со ЕУ. За НЛБ Банка има цел да се издигне до биде препознаена како универзален финансиски провајдер. И конечно, неговата лична желба е Новата Година да ни донесе спокојство, а маските да станат минато.
„Оваа 2020 година дефинитивно ќе биде година за која ќе дискутираме и ќе ѝ се навраќаме уште долго. Колку што беше тешка и полна со предизвици толку и ни направи услуга со тоа што ни ја покажа еластичноста на нашите капацитети и способноста за трансформација во неверојатно кус временски период. Долгорочните планирања се есенцијални, но благодарение на искуството и експертизата, 2020 не охрабри да се реорганизираме брзо и ефикасно на начин на кој не сме можеле ниту да замислиме. Во период од само две недели успешно се префрливме на работа од дома и одржавме целосен континуитет на работењето на Банката и непречено опслужување на клиентите преку експозитурите и преку дигиталните канали. Во текот на кризата ги поддржавме физичките и правните лица преку нудење на можноста за одложено плаќање, но и со континуирано кредитирање на нивните потреби и добрите инвестициони проекти. Успеавме да овозможиме многу нови дигитални функционалности со што обезбедивме полесен пристап и достапност на нашите услуги до клиентите. Би сакал да нагласам дека и целиот банкарски систем промтно реагираше, се реорганизираше и даде поддршка каде што е потребно.
Во изминатава година НЛБ Банка со низа активности значајно придонесе за општеството и економијата: преку одобрување на низа финансиски олеснувања за нашите клиенти физички и правни лица, донации во јавното здравство за поддршка во борбата против Ковид 19, пружање на целосна поддршка на јавните институции, како и одобрување на низа спонзорства, при што дадовме поддршка во вкупен износ од над 500.000 евра.
Оваа година ќе ја паметиме и по нашиот 35 годишен јубилеј и 20 години во рамки на НЛБ Групацијата. Со организација на јубилејниот концерт кој беше одличен подарок во вистинско време за целата македонска јавност ги поддржавме и нашите музичари. Покажавме срце и слух за сите сегменти од општественото живеење.
НЛБ Банка како дел од НЛБ Групацијата која е единствена групација со фокус на регионот на Југоисточна Европа, согласно својата групациска стратегија ќе биде и понатаму фокусирана преку понуда на иновативни и едноставни решенија насочени кон клиентите и подобро корисничко искуство, да пружи поддршка на општеството и да овозможи подобар квалитет на живот.
Во оваа прилика, би сакал ексклузивно да споделам дека нашето НЛБ Семејство од вчера се прошири со уште еден член - Комерцијална банка А.Д. Белград. Во текот на вчерашниот ден успешно беше затворена трансакцијата за купување на 83,23 отсто обични акции од Комерцијална банка Белград со што е направен последниот чекор во спроведување на стратегија на нашата Групација да станеме водечка финансиска институција во областа што ја сметаме за свој дом - регионот на Југоисточна Европа.
Во новата година со појавата и примената на вакцината, очекувам работите полека да почнат да се стабилизираат иако долг е патот за да се вратиме на старото нормално. Исто така, очекувам економијата постепено да закрепнува како и постепено да заздравуваат одредени сектори во стопанството кои ќе ги поддржиме за излез од кризата. Од макроекономски аспект најголем предизвик ќе биде справување со зголемената задолженост на државата и обезбедување на доволно и редовни јавни приходи со цел реализација на планираните активности на државата.
Како резултат на висока ликвидност и зголемена конкуренција очекуваме притисок на каматните маргини на ниво на целиот банкарски сектор. Конкуренцијата ќе се заострува и на поле на продуктната понуда. Нашиот фокус дефинитивно ќе биде врзан со обезбедување на поддршка за заздравување на економијата, поддршка за реиницијализација на приватните бизниси, како и агенда со засилени активности за дигиталната трансформација која благодарение на кризата се одвива со засилено темпо.
За нашата држава во 2021 година очекувам отпочнување на преговори за влез во Европската Унија и окончување на процесот на приближување кон Унијата, усвојување на нејзините придобивки и вредности, како и целосно приспособување на македонските институции кон начинот на функционирање на институциите на Унијата.
Моите цели на професионален план се да ја издигнеме Банката на едно ново ниво каде ќе биде препознаена како универзален финансиски провајдер кој овозможува врвно корисничко искуство и придонесува за подобрување на животниот квалитет во заедницата воопшто. Сигурен сум дека и во 2021 ќе продолжиме да ги живееме нашите вредности и да се грижиме за овој регион, кој е наш дом.
Посакувам новата година да ни донесе повеќе спокојство и добри вести, а најмногу добро здравје. Да им се вратиме на улиците, концертите, природата да се дружиме и прегрнуваме, маските да станат минато!“, вели Аргир за Фактор.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.