Земјите од ЦЕФТА мора да ја продлабочат соработката на сите полиња
Објавено во: Економија 06 Декември, 2012
- Мора да се согласиме дека сами веројатно немаме доволно капацитети и ресурси за тоа и оти ни се неопходни странски инвестиции и тоа во индустријата, а не во услугите. Во привлекувањето на инвестициите мора регионално да соработуваме, бидејќи сме мал пазар, како регион не сме конкурентни, а немаме ни евтина работна сила. Заедно мора да работиме и зашто ЕУ политички на нас гледа како на регион, потенцира Витез и додаде дека регионална соработка е едно од основните барања и во договорите за асоцијација и стабилизација со ЕУ.
Секоја од земјите од ЦЕФТА, посочи, мора сама да се бори за привлекување на инвестиции, но при тоа и да соработува со останатите земји членки. Македонија идната година ќе претседава со поткомитетите за нетарифни и технички бариери во трговијата, и за царини и правила за потекло на ЦЕФТА, а во 2014 ќе биде претседавач на ЦЕФТА. Токму затоа извршниот директор Витез е во посета на земјава. Цефта, како што рече, веќе ги исполни зацртаните приоритети за периодот 2008-2012, трговијата со стоки е веќе договорена, а останува да се работи на усогласувањето на нетарифните бариери. - Тоа се бариерите кои земјите потписнички на договорот ги истакнуваат како проблеми во Секретаријатот на ЦЕФТА. Од нив 60 отсто се веќе решени, 35 се во фаза на решавање, 4 се нови посочени проблеми, а 1 отсто се нерешени проблеми, рече Витез. За периодот 2013-2020 година, додаде, приоритети се усвојување на Стратегијата за ЈИЕ 2020, либерализација на услугите, усогласување на регулативата за инвестиции, интелектуална сопственост, во финансискиот сектор, создавање на добавувачки синџири, инфраструктурно поврзување...Регионот, со помошта на ЦЕФТА, треба да се трансформира во партнер со капацитет на ЕУ. Потписнички на договорот за ЦЕФТА се Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Молдавија, Србија, Хрватска и Црна Гора