21 Ноември, 2024
0.0279

ЗЕМЈОДЕЛЦИ НАПРАВЕТЕ ПЛАН: Важно е менувањето култури на една површина, но и да се внимава која култура до која треба да се засади

Објавено во: Агробизнис 16 Октомври, 2024

Добивај вести на Viber

За земјоделците работата не завршува иако календарски сме навлезени во есента, напротив сега е време кога треба да се планира на која парцела кои култури ќе се засадат, да има смена на култури, но и треба да се внимава која култура до која треба да се сади. 

Филип Димкоски, дипломиран земјоделски инженер агроном по градинарство и цвеќарство вели дека оние кои се занимаваат со полјоделство, лозарство или овоштарство, знаат дека нивната сезона никогаш не завршува затоа што земјоделството е тесно поврзано со природата чии циклуси постојано се повторуваат. Есента е период кога во градинарството се сеат или веќе се негуваат одредени култури за есенска сеидба како што се спанаќот, грашокот, кромидот и лукот за млада пролетна берба, руколата и слично. 

„Во овоштарството за некои овошни дрвја е време на берба како јаболката, а и дуњите, есенските круши, мушмулите, калинките... Во лозарството завршува бербата на грозје и следи зазимување на лозовите насади преку зимски третмани, а слична е и ситуацијата кај овошните садници кои плодоносат во текот на летото. Дождовите и топлото време оваа есен овозможија доволно количество почвена влага кое пак ќе резултира со добро извршени агротехнички предсеидбени мерки, а тоа дозволи успешна сеидба чиј рок е продолжен. Секако есента, а особено доцната есен и зимата се време кога земјоделците треба да извршат планирање кое многу ја олеснува натамошната работа. Планирањето подразбира да се определат површините и културите кои ќе се садат или сеат во следната нивна вегетациона сезона. Важна е плодосмената и полесмената, односно смената на културите и смената на површините на кои тие ќе бидат посеани/засадени. Од неможност заради механизација, неможност заради недоволна површина или од економски или пак други причини често не се почитува плодоредот, а тоа резултира до деградација на почвата и мал и неквалитетен род како краен исход“, објаснува Димкоски. 

Вели дека менувањето на културите како и внимавањето која култура до која се сади, но и која култура по која следува е од особено значење и за квалитетот и за родот, ги намалува потребите од заштита и прихрана и позитивно влијае врз биотопот и врз животната средина воопшто. 

„На пример доколку сме имале нива на која годинава била засеана пченица, паметно е да се заораат жетвените остатоци и на таа нива да се посее некое легуминозно растение, како што е сточниот грашок на пример. Сточниот грашок како легуминоза има својство да го фиксира азотот и да го трансформира во форма која е лесно достапна за растенијата. Тоа значи дека тој ја ѓубри почвата со азот додека вегетира на дадената површина. Зголеменото количество азот ќе овозможи многу подобри резултати за следната сезона доколку се посее пченка како окопна култура, или пак, повторно пченица, јачмен или тритикале. Кај градинарските култури, особено во органското производство се почитува листата на „добри и лоши соседи“ која советува едно до друго и едно по друго да не се садат култури од иста растителна фамилија. На пример, компирот, модриот домат, доматот и пиперката припаѓаат на растителната фамилија Solanaceae и не се препорачува да бидат посадени во близина или едни по други. Зошто? Се смета дека растенијата од иста фамилија трошат исти или слични хранливи материи од почвата, боледуваат од исти или слични болести и ги напаѓаат исти или слични штетници, а тоа исто така овозможува болеста или штетникот лесно да се пренесе од една на друга култура. Затоа, покрај доматите може да се насади зелка. Зелката расте ниско, а доматот оди во висина и не си пречат една со друга како култури. Мирисот на доматот пак, ја штити зелката од напад на штетници, а зелката со листовите обезбедува задржување на влагата кај доматот“, додава Димкоски.

Вели дека секако земјоделството останува предизвик и во постојаното учење низ искуство има нешто што ќе нè изненади и ќе ни покаже дека секогаш има исклучоци од правилата. Димкоски на тема градинарство и хортикултура ги споделува своите знаења со цел поширок круг на луѓе да ги надоградат своите вештини и да бидат поуспешни во она што го работат. 

Сања Атанасовска

foto freepik.com

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

МАКЕДОНИЈА ИЗГУБИЛА ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА – се сади се помалку и помалку

МАКЕДОНИЈА ИЗГУБИЛА ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА – се сади се помалку и помалку

СЕ СНАОЃААТ КОЈ КАКО ЗНАЕ И УМЕЕ: Производителите брзаат да ги продадат јапонските јаболка

СЕ СНАОЃААТ КОЈ КАКО ЗНАЕ И УМЕЕ: Производителите брзаат да ги продадат јапонските јаболка