02 Декември, 2024
0.2120

Земјоделци тријат раце, експерти предупредуваат – без еуфорија!

Објавено во: Агробизнис 24 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Во следните две години земјоделците ќе се едуцираат како да произведат поквалитетни производи преку примена на добра земјоделска пракса и сертифициран семенски материјал. Веќе од 2015 година овие сегменти ќе бидат и главен услов за добивање субвенции. Ова го предвидува Петгодишната национална стрaтегија за субвенционирање на земјоделството. Планот е на тој начин да се модернизира македонскиот аграр, а преку подобрување на квалитетот, да се зголеми конкурентноста и извозот на земјоделските производи. -Акцентот во Петгодишната програма за земјоделство е ставен на руралниот развој и обезбедување на стандарди за квалитет. Направени се корекции особено во сточарството, во делот на производството на млеко, месо и конкурентските сточарски гранки како овчарството и козарството. На овој начин треба да се стабилизира сточарското производство, преку стимулирање на производство на добиточна храна. На пример, фактот што премијата за млеко ќе биде според квалитет, ќе ги натера сточарите да произведуват квалитетно млеко.  Така ќе се подигне квалитетот на производите, но во некои гранки не може да очекуваме преку ноќ да не бидеме увозно зависни од месо, млеко и млечни производи, особено во години како што е оваа кога на светско ниво климатските промени негативно влијаеа врз земјоделското производство. Ќе има намалување на увозот, но не целосно, вели Драги Димитриевски, декан на Факултетот за земјоделски науки и храна. Една од промените во стратегијата е во делот за премијата за млеко, која што за прв пат ќе биде според квалитет. Новиот принцип ќе се применува од 2014 година кога за втора класа млеко премијата ќе биде 2,5 денари за литар, 3,5 денари за литар за прва класа и 4 денари за екстра класа. Висината на премијата ќе биде иста и во 2015 година, за веќе во 2017 година за втора класа висината ќе се на намали на 1,5 денари за литар млеко, со цел фармерите да се стимулираат да произведуваат млеко од екстра класа. -  На овој начин ќе се зголеми производството на квалитетно сирово млеко во земјава, нешто што нас преработувачите на млеко ни е неопходно. Примената на добра земјоделска пракса е речиси исто што и ХАСАП системот што ние преработувачите го имаме, значи мора и сточарите сите стандарди за квалитет да ги применуват. Ваков начин применува и Словенија и други земји и резултатите се видливи, ќе има квалитетно млеко, но верувам дека и на тој начин барем минимално би се зголемило и производството, вели Јован Дабевски, сопственик на млекарницата Здравје Радово. Земјоделците велат дека повеќето од нивните предлози се прифатени во Програмата, и се задоволни од висината на субвенциите и новиот начин на производство на кои ќе треба да се прилагодат. - Тоа ќе придонесе за зголемување на производство и модернизирање. Ние земјоделците треба да се насочиме кон квалитетно производство и за тоа ќе имаме време да се едуцираме во овие две години. Ќе се види точно што е тоа примена на добра земјоделска пракса. Зголемени се субвенциите во сточарството, особено во говедарството и овчарството и руралниот развој. Мислам дека е добро што особено внимание се посветува на руралниот развој бидејќи таму се префрлени долгогодишните овошни и лозови насади. Од друга страна оваа петгодишна стратегија ќе ни овозможи да си го планираме производството бидејќи ќе знаеме за која година колкави ќе бидат субвенциите за секоја земјоделска гранка,  вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци. Вкупно 700 милиони евра се предвидени со петгодишната стратегија за земјоделството или по години, за годинава се предвидени 130 милиони евра,  во 2013 година субвенциите ќе бидат 135 милиони евра, 140 милиони евра се планирани за 2014 година, а од 2015 до 2017 година субвенциите ќе бидат 150 милиони евра. Овие пари наменети за развој на земјоделството, соодветно реализирани на терен, треба да придонесат за обезбедување доволно храна, задоволување на бараните количества за извоз, осовременување на системите за наводнување за кои се предвидени субвенции, зголемено производство на добиточна храна,  употреба на сертифициран семенски материјал и подобар квалитет. Ј.С.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.