ЗОРАН ЗАЕВ ГО КРОИ НОВОТО МНОЗИНСТВО - Мендух Тачи веќе му пружи рака, што ќе биде со ДУИ
Објавено во: Македонија 05 Август, 2020
Влада сигурно ќе имаме, а изборите нема да се повторат, децидни се експертите со кои разговараше Фактор.
А дали објавата која дојде од партијата на Мендух Тачи, ДПА, дека дефинитивно ја прифатила понудата на Зоран Заев да влезе во владата што тој би ја формирал, е најава дека работите околу формирањето на ново парламентарно мнозинство ќе одат можеби и побрзо од очекувањата, ќе се покаже во следниве денови.
Универзитетскиот професор Никола Дујовски за Фактор вели дека е се поизвесно оти влада ќе формира Зоран Заев, и тој ќе биде идниот премиер на земјава.
„По денешниот ден се поизвесно станува дека наскоро ќе имаме парламентарно мнозинство кое ќе го предводи Зоран Заев и СДСМ. Сите случувања до денес укажуваат на тоа дека лидерот на СДСМ е многу блиску до обезбедување на стабилно мнозинство, и очекувам во уставно утврдените рокови да биде доверен мандатот од шефот на државата и да се формира новата влада“, вели Дујовски.
Сознанијата на Фактор говорат дека расположението кај социјалдемократите е поблиску до тоа да формира Влада со коалицијата на Алијанса со Алтернатива, но не е исклучено, во новата влада сепак да биде ДУИ.
Според Дујовски, програмските определби на СДСМ, ДУИ, Алијанса и Алтернатива, како и на ДПА, можат да се обединат во една програма што би ја претставила новата влада, и тие даваат за право да очекуваме влада која ќе биде поддржана од поголем број пратеници. Сите овие партии би можеле да влезат во новата извршна власт, иако не треба да се исклучи ниту една друга опција. Вклучувајќи и парламентарно мнозинство во кое не би партиципирала ДУИ.
„Не би исклучил ништо. Не би отфрлил ниту еден состав на влада во кој би учествувале сите овие партии, освен ВМРО-ДПМНЕ и Левица. А за тоа каков ќе биде новиот состав, останува да почекаме. Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет да води преговори за влада, бидејќи нивните партиски определби се дијаметрално спротивни на интересите и на Албанците, но и на мнозинството граѓани во земјава, бидејќи се против Преспанскиот договор, како и Договорот за добрососедство со Бугарија“, смета професорот Дујовски.
Што ќе се случи со барањето за Албанец премиер, кое партијата на Али Ахмети пред изборите го поставуваше како услов за секој потенцијален партнер кој со нив би сакал да формира Влада, Дујовски смета дека тоа сигурно нема да се исполни. Тоа оди во прилог и на неофицијалните брифинзи кои ги дале функционери на ДУИ, дека најавата за премиер Албанец била всушност само идеја, што не мора нужно да се случи.
„Нема да се случи Албанец премиер, и апсолутно не на начин на кој тоа ДУИ го протежираше пред изборите. Гледате дека никој веќе не ни зборува за тоа. Зоран Заев ќе биде мандатар за формирање Влада, и тоа е сосема извесно. Тој не отстапува од тоа, а нема да се случат ниту какви било ротации за премиерскиот мандат во смисла три години плус една, како што шпекулираа некои медиуми. Така што, ќе нема никакви отстапки во тој дел. Тоа всушност значи дека идејата за премиер Албанец веќе воопшто не е актуелна тема“, објаснува Дујовски.
Демократската Партија на Албанците е првата која ја прифатила понудата од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да влезе во составот на новата влада.Азем Садику од ДПА, по средбата со Радмила Шеќеринска и Оливер Спасовски од СДСМ, најави дека се формирани и работни групи кои ќе разговарат за деталите.
„Ни се понуди можноста да бидеме дел од идната влада предводена од претседстелот на СДСМ, Зоран Заев и ние како партија ја прифативме поканата Работните групи од двете партии треба да ги договорат деталите“, изјави Садику.
ОСЛОБОДЕТЕ СЕ ОД НАЦИОНАЛИЗМОТ
Претходно Заев, веднаш по конститутивната седница на законодавниот дом, најави дека се надева дека за 10 до 15 дена ќе биде формирана новата влада. На прашањето дали уште стои на ставот дека ДУИ треба да оди во опозиција, одговори дека сите опции се отворени за преговарачкиот процес.
„Јас сум разумен човек. Секако дека граѓаните преку своите гласови ги даваат правците и очекувањата. СДСМ може да формира влада и со ДУИ и со Алијанса за Албанците и Алтернатива. Сите опции се отворени во преговарачкиот процес“, рече Заев.
Тој верува дека ќе се обезбеди стабилно парламентарно мнозинство, кое ќе гарантира стабилна влада. Истовремено, на ДУИ, но и на Алијанса и Алтернатива им порача дека кој ќе влезе во новата влада ќе зависи од тоа кој ќе биде подготвен да исполни неколку услови – да го отстрани национализмот во своите редови, но и да покаже подготвеност за прочистување на правосудството,проверка на имотот, капиталот на секој политичар и функционер...
А на својот досегашен коалиционен партнер, Ахмети, Заев му упати уште една интересна порака, дека со 15 пратеници, не се добива премиер.
„СДСМ никогаш немал проблем со определбата на кој било кандидат, за која било функција во државата, но за премиер треба да се имаат бројки. Со 15 пратеници, премиер не се добива“, рече Заев. Сака да ги чуе размислувањата и идеите на ДУИ околу предлогот за ротација на премиерската позиција, но укажа дека на државата и е потребен премиер кој што ќе се зафати да работи. Лидерот на СДСМ потенцира и дека не планира да му се извинува на Ахмети, како што тој бараше, а поради предизборната реторика во која меѓусебно си разменија неколку остри пораки.
Заев не прецизира како би дошол до мнозинство
пратении доколку се одлучи да влезе во коалиција со Алијанса и Алтернатива, но
не и со ДУИ.
Експресно му возврати Ахмети. Вели дека ниту со 46 пратеници не се станува премиер.
„Во оваа ситуација, на сите инволвирани страни им е потребна смиреност, мудрост и да размислуваат за највисоките интереси на државата. Можам да кажам дека ДУИ е фактор на стабилност во земјата. Ние внимателно ги анализираме ситуациите, нема да брзаме. Секој чекор што ќе го преземаме, ќе го направиме во интерес и корист на државата, мирот, стабилноста и унапредувањето на поголемите процеси, како што се Охридскиот договор, Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство, спроведувањто на законот за јазиците, борбата против криминалот и корупцијата. Но, во никој случај да не се избегнува од процесот на Ветинг. Секој ќе биде во партнерство со нас ако се согласува со овие точки. Вклучувајќи го и премиерот“, изјави Ахмети за Коха.
Тој додава дека засега нема ништо конкретно во однос на разговорите за формирање на новото парламентарно мнозинство.
МИЦКОСКИ ЌЕ СЕ ОБИДЕ ДА ФОРМИРА ВЛАДА
Од друга страна, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и вчера остана на својот став дека неговата партија во периодот што следи ќе се обиде да формира парламентарно мнозинство изградено врз политичка филозофија, а не политички пазар.
„Од луѓето во кои бескрајно верувам, а кои се дел од овој парламентарен состав и припаѓаат пратеничката група ‘За обнова на Македонија’, не верувам дека постои таков кој ќе ја поддржи програмата којашто ќе је понуди Заев“, рече Мицкоски.
Мицкоски не кажа со кого досега се видел или преговарал, а порача и дека и пратеници од коалицијата на СДСМ би можеле да поддржат влада формирана од ВМРО-ДПМНЕ. Не одговори дали има конкретни преговори со тие пратеници.
Затоа пак, вчера од него стигна и обвинување дека имало обид за „купување“ пратеници од коалицијата која ја предводи неговата партија од мистериозни лица, кои според него настапувале во име на владејачката СДСМ, но сите такви обиди биле одбиени.
Во неделава што тече се очекува да се динамизираат преговорите за формирање на новата влада. Заев денеска или утре треба да има средба со Зијадина Села и Африм Гаши од Алијанса и Алтернатива, а во петок на “менито“, според линформациите треба да биде Али Ахмети.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.