01 Декември, 2024
0.0305

Зошто нуклеарниот арсенал на Кина кон Тајван ги загрижува САД?

Објавено во: Анализа 27 Април, 2023

Добивај вести на Viber

Кина е новата сила на која Западот гледа со големо внимание, особено по потрошените речиси 300 милијарди долари за одбрана во 2022 година, рекордна сума досега. Кина со ова се позиционираше на второто место по трошење на средства за воени цели, дури повеќе и од Русија која иако е во активна инвазија над Украина во 2022 година потрошила „само“ 86.5 милијарди долари.

САД и Кина се веќе длабоко навлезени во трговска војна која се прелеа и во војна за доминација на технологијата за развој на чипови, клучна компонента за комерцијалниот, но и одбранбениот сектор. Во срцето на овој конфликт е Тајван, островот кој располага со најнапредната технологија, и околу која ќе се кршат копјата за подобра позиционираност на светските супер сили.

„Кина се обидува да се наметне на светската сцена како можен „олеснувач“ на мировните преговори меѓу Русија, Украина и секако Западот за разврска на војната, но истовремено може да стане и активна страна доколку реши да го снабди Путин со оружје. Тоа можеби ќе биде стратешки погубно, за што веќе анализиравме кој би бил можниот одговор на Западот, но и зошто овој потег во контекст на Тајван и евентуално тестирање на воените системи, доколку се донесе заклучок дека воена инвазија е неизбежна, е сепак исплатлив ризик“, смета политикологот Иво Ранѓеловиќ.

Гледај Украино, сети се Тајване

Кина драстично го зголемува својот одбранбен буџет, и се проценува дека од сегашните 350 боеви глави со среден и долг дострел, во следните години дека ќе има над 1.500 подготвени нуклеарни оружја. Тука е и стратешкото поставување насочено кон Тајван како воена тактика која треба да спречи директен судир со американската војска, бидејќи било какво бомбардирање на ракетните лансирни системи може да се смета за нуклеарна провокација.

Според претседателот Џо Бајден, САД се подготвени да одговорат воено и директно доколку дојде до кинеска инвазија.

„За разлика од Украина која е во посреден интерес на САД, опстојувањето на Тајван е врежано како дирекна закана за територијалниот, но и демократскиот интегритет на САД. Географски, островот е последна безбедносна пречка во Пацификот пред да се пристапи до тлото на САД. Идеолошки, Тајван е симбол на демократскиот свет предводен од американскиот хегемонизам“, вели Ранѓеловиќ.

Од друга страна Кина има свои интереси и засилена подготвеност на нуклеарниот капацитет кој е стратешки поставен на југоисток кон Тајван ( тактички мултинаменски ракетни системи).

Дали ќе биде неопходен нуклеарен договор меѓу САД и Кина и план за контрола на вооружувањето како мерка на градење доверба и колку тоа може да спречи ескалација на тензиите?

Според Ранѓеловиќ ова добро го знае Кина и затоа е толку претпазлива во својата политика кон Тајван, политика која се уште почива врз синтагмата „мирно обединување“. Оттаму, детантот е приоритет кој ниту една рационална политика не би смеела да го прокоцка, во спротивно ќе биде загрозен светскиот мир, вели тој.

Во овој контекст евентуална воена инвазија врз Тајван би била многу опасна, токму поради непредвидливоста на кинеските ракетни системи чиј контра напад од САД може да биде протолкуван како нуклеарна провокација. Како оваа стратегија ќе игра улога во разврската на судбината на островот кој е значаен и за Кина, но и особено за САД?

„Постои една многу важна компонента при проектирањето на кинеската политика во светот, а таа е анти-колонијалниот сентимент. Кина никогаш нема да го освои светот со своите вредности доколку ја направи грешката на Западот, користејќи тврда моќ. Формулата преку која Кина се наметна на светот е мирна проекција на вредности и немешање во внатрешните работи на било која земја. И, сето тоа спакувано во мир. Тоа е она што му се допадна на светот, пред се во делот на Јужната хемисфера. Затоа, било каков вид на употреба на нуклеарно оружје во 21-иот век ќе значи крај за портретот на една светска сила и нејзиниот вредносен удел во изградбата на новиот свет“, заклучува Ранѓеловиќ. 

Х.С.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.