18 Декември, 2025
0.0611

ЖРТВИТЕ НА НАСИЛСТВО ДА СОБЕРАТ ХРАБРОСТ И ДА НЕ СЕ ОТКАЖУВААТ ОД КРИВИЧЕН ПРОГОН: Црната бројка на жени кои се под невидена тортура е огромна

Објавено во: Македонија 28 Септември, 2023 07:21

Добивај вести на Viber

Последното убиство на мајката на три деца од Кочани со 40 убоди со нож не само што ја потресе македонската јавност, туку многу жестоко го крена гласот на повеќето здруженија за борба против насилството врз жените и воопшто семејното насилство. Нивните коментари се во насока дека 40 убоди со нож во беспомошно човечко суштество е невидена агресија, која можеби и можела да се спречи доколку институциите навреме ја заштителе жената. Бараат најстрога казна за убиецот, но и одговорност од службените лица. Сепак, иако во јавноста веќе беше напоменато дека жената го пријавувала убиецот во полиција, од МВР посочуваат дека за конкретниот случај имало само една единствена пријава во мај годинава и таа била за уцена, а не за какво било физичко малтретирање. Оттаму и со апел да не се пласираат дезинформации во јавноста.

Го пријавила за уцена, но не и за насилство

-Министерството за внатрешни работи ги демантира дезинформациите изнесени од граѓански здруженија дека полицијата наводно не постапила по пријавите на жените кои беа убиени во Кочани и Куманово. Напротив, од страна на МВР е постапено по секоја пријава. Во врска со случајот во Куманово, од страна на СВР Куманово редовно се преземани мерки и активности, и во периодот од 2013 до 2023 година од страна на СВР Куманово до надлежното ОЈО Куманово се поднесени пет кривични пријави против Д.Ј. за сторено кривично дело по член 130 ст. 2 од Кривичниот законик, во кои оштетено било лицето Е.А..
Во врска со случајот во Кочани, во ОВР Кочани на 16.05.2023 во 11.30 часот Т.М. пријавила дека подолг период У.Р. , со кого биле во љубовна врска, ја уценувал дека ќе објави компромитирачки фотографии и видеа доколку не му даде пари. Од страна на инспектори во НК за КР – ОВР Кочани е постапено по пријавата и на 31.05.2023 до ОЈО Кочани е доставен поднесок – известување, со службен материјал во прилог, а на 05.06.2023 до надлежното Обвинителство е доставено и дополнување на известувањето, со службен материјал во прилог.
Министерството за внатрешни работи секогаш постапува по добиените пријави и се преземаат мерки и активности во координација со другите надлежни институции. Апелираме да не се пласираат дезинформации, соопшти МВР.

Жртвите на насилство да опстојат на волјата за кривичен прогон

Од Јавното обвинителство во изјава за Фактор велат дека семејното насилство како феномен, во Кривичниот законик, е соодветно препознаено и санкционирано како квалификаторен облик на повеќе кривични дела, што им дава соодветна можност на јавните обвинители да ги детектираат ваквите предмети и соодветно да ги процесуираат.

-Доколку во одредени случаи притоа се утврди дека постои опасност од повторување на кривичното дело или од можност за довршување на обидено кривично дело, јавниот обвинител задолжително во тој случај до судот предлага соодветни мерки на обезбедување - притвор или мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за приближување до жртвата во текот на постапката. Сепак, клучно за справување со оваа појава е охрабрувањето на жртвите навремено да реагираат и да го пријават семејното насилство, но и да опстојат на волјата за кривичен прогон. Тоа е особено важно за делата кои се гонат по приватна тужба или по предлог од оштетениот (на пример, телесна повреда при вршење семејно насилство), бидејќи согласно Законот за кривичната постапка, кога гонењето за кривично дело зависи од предлогот на оштетениот, јавниот обвинител не може да поведе истражна постапка ниту да поднесе обвинителен предлог или предлог за издавање на казнен налог додека оштетениот не поднесе предлог. Оштетениот и приватниот тужител можат во секој момент со своја изјава до судот пред кој се води постапката да се откажат од предлогот, односно приватната тужба до завршувањето на главната расправа. Во тој случај тие го губат правото повторно да поднесат предлог, односно приватна тужба, појаснуваат од Јавното обвинителство.

Расте бројот на жени кои трпат насилство

Според Бети Пеева од НВО „ЕХО“, женските граѓански организации кои обезбедуваат услуги на жени и девојки изложени на насилство се неопходна алка во синџирот на заштита на жените жртви.

Вели дека во услови кога жртвите немаат, или ја изгубиле довербата во институциите кои се задолжени да ги штитат, женските граѓански организации претставуваат нивни гласноговорници, но и посредници во решавањето на случаите на насилство, се залагаат за заштитата на правата на жртвите, а при давањето на своите услуги водат сметка за потребите на жртвата и бараат одговорност за сторителот на насилство од страна на институциите.

-Секако, организациите како нашата, кои се специјализирани за давање на интегрирани услуги составени од: бесплатна правна помош, психо-социјална поддршка, економско јакнење, ресоцијализација и реинтеграција на жените жртви, треба да работат согласно одредени стандарди и да имаат и просторни, но уште повеќе човечки капацитети. Стручните лица   треба да  располагаат со експертиза и вештини да можат да ја советуваат, упатат, придружуваат, континуирано да работат со жртвата во тек на целиот процес на излегување од кругот на насилството, како и да ја поддржуваат и насочуваат при донесување на битни одлуки кои можат да влијаат врз исходот на постапките водени пред институциите. Притоа, од извонредно значење е знаењето, умешноста и вештината на стручниот персонал да направи проценка на ризик, да подготви безбедносен план и да искомуницира и да се искоординира со релевантните институции, зависно од потребите на самата жртва, нагласува Пеева.

Ако се земе во предвид дека според бројните истражувања и анализи кои се правени од страна на меѓународните организации, како што посочува Пеева, дека дури секоја четврта жена-жртва пријавува насилство, најчесто откако повеќекратно ќе го искуси и ако само може да се претпостави колкава е, всушност, црната бројка на жртвите кои не пријавуваат, тогаш значењето на специјализираните женски граѓански организации е дотолку поголемо и во насока на едуцирање, охрабрување и јакнење на самите жртви да го препознаат, навремено да го пријават и да му стават крај на насилството. 

-Со оглед дека ЕХО е препознатлива организација која повеќе од 20 години обезбедува услуги за оваа ранлива категорија на жени, а е единствена која обезбедува  интеграиран мултисекторски пристап до пакетот неопходни услуги за жени и девојки изложени на насилство, кај нас бројот на пријавени случаи постојано расте од година во година. За илустрација, минатата година во ЕХО евидентиравме 211 жртви на насилство врз жени и семејно насилство. За жал, недоволниот број на специјализирани даватели на услуги, малиот процент на искусен и  обучен персонал, уште помалата мотивираност кај граѓанските активистки да работат со жртви на насилство, како и неизвесноста за одржливоста на овие услуги, доведува до недостиг на специјализирани организации, па таквата недостапност до неопходните услуги во поголем број на општини доведува до чувство на несигурност и беспомошност кај самите жени жртви, но и на несоодветен третман од страна на општите даватели на услуги на кои им недостигаат и соодветно знаење, искуство и вештини за да можат да навлезат во суштината на проблемот и соодветно да реагираат. Како и да е, унапредувањето на мултисекторската соработка и создавање на услови за поголемо инволвирање на специјализираните женски организации во обезбедување на услуги  за жените  жртви може да доведе до зголемена ефикасност на целокупниот систем на заштита, посочува Пеева за Фактор.

Анита Буховски

ФОТО: Unsplash/Carolina Heza

Можеби ќе ве интересира

ИЈЗ: Кога квалитетот на воздухот е лош – заштитете го вашето здравје!

ИЈЗ: Кога квалитетот на воздухот е лош – заштитете го вашето здравје!

СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него

СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него

ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните

ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните

Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот

Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот

ФИЛИПЧЕ МУ ВОЗВРАЌА НА ШИЛЕГОВ? ВМРО-ДПМНЕ најдоа еден од нас послаб, ги искористија неговите приватни проблеми

ФИЛИПЧЕ МУ ВОЗВРАЌА НА ШИЛЕГОВ? ВМРО-ДПМНЕ најдоа еден од нас послаб, ги искористија неговите приватни проблеми

УШТЕ ЕДНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА - МВР го гони за несовесно работење и злоупотреба на службата

УШТЕ ЕДНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА - МВР го гони за несовесно работење и злоупотреба на службата

МВР: Вработени од тетовското социјално одобрувале надомест со фалсификувано конзилијарно мислење

МВР: Вработени од тетовското социјално одобрувале надомест со фалсификувано конзилијарно мислење

СДСМ: Неуспешен обид да се прикаже уривање одвнатре, очигледно темата со мигрантите е многу поголема

СДСМ: Неуспешен обид да се прикаже уривање одвнатре, очигледно темата со мигрантите е многу поголема

УАПСЕН БУЈАР ДАРЛИШТА, ЕКС ДИРЕКТОР НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИ КНИГИ: Тошковски со детали за апсењето

УАПСЕН БУЈАР ДАРЛИШТА, ЕКС ДИРЕКТОР НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИ КНИГИ: Тошковски со детали за апсењето