1,35 милиони денари за три нови семејства во Детското село
Објавено во: Економија 03 Февруари, 2013
Со потпишување на Меморандум за соработка меѓу Министерствот за труд и социјална политика и СОС Детското село, годинава со поддршка на државата ќе бидат формирани три згрижувачки семејства во кои ќе можат да се згрижат најмногу пет деца. За таа цел се обезбедени 1,35 милиони денари, а финансирањето ќе биде партиципативно.
„Според нашите разговори и преговори, постапното финансирање на децата згрижени во СОС семејствата ќе се одвива континуирано со цел рамномерен распоред не само на финансиската, туку и на стручната, професионална одговорност“, истакна Јулијана Накова Гапо од СОС Детското село која се надева на успешна и дологорочна соработка со Министерството.
Во СОС Детското село има 96 деца од кои 60 се сместени во семејни куќи, 27 се во двете младински програми, а 9 млади луѓе на кои им се дава поддршка според Програмата за полунезависно живеење.Инаку според информациите на ресорното Министерство, во системот за социјална заштита активни се 155 згрижувачи семејства во кои се сместени 220 деца.
Надоместокот за трошоците за сместено лице е 5.000 денари, а за згрижување 1.500. Надоместокот, пак, за дете со воспитно-социјални проблеми на училишна возраст се зголемува за 500 денари, а за исто толку се зголемува и износот за згрижување.