24 компании заинтересирани за истражување во Јадранското Море
Објавено во: Балкан 12 Август, 2013
За тендерот за истражување на нафта и гас во Јадранското Море заинтересирани се 24 компании, меѓу кои неколку големи глобални играчи, но и српскиот „НИС Газпром Њефт“, грчкиот „Хеленик“ и хрватската ИНА, изјави советничката во црногорското Министерство за економија Драженка Беќировиќ.
Таа за сплитскиот весник „Слободна Далмација“ изјави дека резултатите од тендерот ќе бидат познати во февруари следната година, како и дека на списокот од 24 компании се норвешкиот „Статиол Аса“, „Ексон Мобајл“ од САД, „Нипон Експлорејшн“ од Јапонија и „ЕНИ“ и „Едисон“ од Италија.
Соопштението на црногорското Министерство за економија за конкурсот распишан за истражување на нафта и гас во Јадранското Море предизвика реакции во Хрватска, пред се поради нерешените граници во Заливот во Бока Которска, пишува весникот.
Прашањето кое се поставува е кој каде и како ќе истражува доколку морската граница меѓу двете држави не е дефинирана и е со привремен режим веќе десет години - од 2003. кога спогодбата ја потпиша тогашниот министер за надворешни работи на Хрватска Тонино Пицула.
Иако границата на Превлака, по таа спогодба веќе долго време функционира, со тоа што Хрватска го контролира копното, а Црна Гора морето, најавениот тендер ги разбуди политичките духови во Хрватска, нагласува „Слободна Далмација“.
Беќировиќ на „Слободна Далмација“ и испратила мапа со т.н. „блокови од тендерот“ на која е видливо дека подрачјето на Превлака не е опфатено.
- Истражувањето треба да биде спроведено во морето на оддалеченот од два до три километри од брегот, од крајниот југ, подрачјето на Улцин, некаде околу Будва и на десетина милји од влезот во Бока Которска. Превлака засега е на листата на чекање, пишува „Слободна Далмација“.