Владата го жртвува НАТО за да ја спасува економијата
Објавено во: Финансии 10 Април, 2020
Сума од вкупно 6,542 милијарди денари се распредели меѓу буџетските корисници со одлука на Техничката Влада. Одлуката е за спас на македонската економија, од кои дури една милијарда беа предвидени за интегрирање во НАТО оваа година.
Во Министерството за одбрана се кратат дури 1,431 милијарди денари, од кои дури една цела милијарда за интегрирање во НАТО, односно за вооружување и опрема. 110 милиони денари ќе нема за мировните и хуманитарните мисии, а 100 милиони за изградба на воена инфраструктура.
Се повлекуваат и субвенциите на Министерството за труд и социјална политика за делот од придонесите за кои претпријатијата ќе им ја зголемат платата на своите работници. Во прашање се 500 милиони денари до фондовите за пензиско и здравствено осигурување, како и дел до Агенцијата за вработување. Сепак, не е јасно зошто овие средства во делот на зголемување на расходите се сметаат како субвенции за справување со Ковид-19 кризата.
Во Собранието најмногу ќе се заштеди на плати и патни трошоци со сума од 35 милиони денари. И малите институции „се погодени“ од кратењето на трошоците заради субвенционирање на стопанството, па така за плати, кои се намалуваат кај раководителите и функционерите, во Комисијата за заштита од дискриминација ќе се намалат 7 милиони денари.
Платите во Владата ќе се намалат за 10,7 милиони денари, а повеќе од 250 милиони денари ќе се скратат за информатичка поддршка на „Илинденска“ Владата годинава нема да даде 320 милиони денари финансиска поддршка на компаниите која беше уредена со посебен закон за оние кои ќе инвестираат во производството. Ќе нема ниту субвенции од 50 милиони денари за печатените медиуми. 170 милиони денари ќе намали Службата за општи и заеднички работи на Владата за изградба и реконструкција на згради.
Во МВР купувањето на возила, опрема и машини, во ставката за реформи на полицијата, се крати на 165 милиони денари. Се повлекуваат 214 милиони денари од Министерството за правда за субвенционирање на невладини организации. Ќе „страдаат“ и казнено-поправните установи, за кои веќе е познато дека се во лоша состојба, но сепак ќе се намалат 26 милиони денари.
За амбасадите ќе се редуцираат 64 милиони денари. Во Министерството за економија ќе секнат 98 милиони денари за гасификацијата на земјата и 40 милиони денари за субвенционирање на граѓаните за политиките за заштеда на енергија. Околу 20 милиони денари нема да им се дадат како субвенции на граѓаните со ниски примања кои летуваат во домашните туристички центри. Ќе нема ниту 18 милиони денари субвенции за туристичките агенции кои носат странски туристи.
Дирекцијата за ТИРЗ ќе остане без 117 милиони денари за изградба на слободните економски зони. Министерството за животна средина ќе изгуби 65 милиони денари за инвестиции, 60 милиони денари за изградба на колекторскиот систем на Охридското Езеро, а ќе се прости од 10,8 милиони денари за опрема за мониторинг на квалитет на воздухот.
Министерството за транспорт и врски ќе загуби 135 милиони денари за патиштата, 100 милиони за инвестиции во железницата и 32 милиони денари за субвенции, најверојатно за нискобуџетните летови или за железнички превоз на патници. Во земјоделството се намалуваат околу 100 милиони претежно за наводнување и хидросистеми, но и 30,5 милиони за субвенционирање на земјоделците.
Во образованието најмногу - 100 милиони денари ќе се одземе за материјали во основното образование, а најверојатно тука се вклучени и новите учебници. Се одложуваат и 70 милиони денари за изградбата на барокните факултети ФИНКИ и за физичка култура во кампусот при УКИМ. Се намалуваат и 35 милиони денари за реконструкција на студентските домови.
Се кастрат и 50 милиони денари за изградба на предвидените спортски објекти како салите и базените. 230 милиони денари ќе изгубат културните дејности. Ќе нема 22 милиони денари за субвенционирање на филмови, а ќе нема ниту половина милион евра за заштита на културното наследство. Одржувањето на театрите, музеите и другите објекти ќе загуби 53 милиони денари, а ќе нема доста пари за голем број културни манифестации.
Се повлекуваат 130 милиони денари за рамномерен развој, во кои доминираат проекти за општините како изградба на локални патишта и слично. Најмногу пари за плати се чини ќе загубат судската администрација - 80 милиони и Јавното обвинителство - 31 милиони.
Александар Кузмановски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.