Ако платите не се зголемат и Србија ќе ни ги „краде“ работниците
Објавено во: Економија 18 Август, 2022
Дури и српскиот пазар на труд станува опција за македонските граѓани кои немаат работа или се незадоволни од примањата овде и сакаат да направат промена.
На интернет има огласи во кои е наведено дека се бараат ѕидари, столари и бравари, за подолг временски период, за работа во Србија. Освен плата, наведено е дека ќе имаат по 3 оброци дневно, сместување и превоз до градилиштата каде ќе работат. Има и огласи за возачи, каде освен одлична плата, работодавците ветуваат и бонуси. Среќата можат да си ја пробаат и оние кои по професија се електричари или заварувачи. Се појавија и огласи на кои газди од Војводина, бараат пица мајстори за работа кај нив. За македонските апликанти оставаат мејл адреса или српски телефонски број за контакт, а некои пак регрутираат работници преку посредници во Скопје. Со месеци наназад во градовите низ Македонија имаше залепени огласи на јавни места, а со помош на кои се бараа доставувачи за работа во Белград, но и за во хрватските градови Загреб и Дубровник.
Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ) предупредува дека ако не се покачат платите во земјава, македонските работници ќе се одлеваат не само во земјите од Европската Унија(ЕУ), туку и во Србија. Ова веќе се случува, но како појава може да зачести.
Дарко Димовски, претседател на ССМ бара усогласување на платите за 18.4 отсто, а ако тоа не се случи, ќе има радикализација и блокади во септември, што може да доведе до колапс на повеќе институции.
„Секојдневно заминуваат млади, но и средовечни луѓе. Доволно е само да ги погледнете платите во Србија, и нормално дека луѓето ќе заминуваат. Србија бара градежници, возачи, медицински персонал. Со „Отворен Балкан“ Србија очекува 30.000 работници од Македонија и Албанија. Ќе бегаат нашите работници и во Црна Гора, а државата нема стратегија да ги задржи луѓето тука“, вели Димовски.
Повеќе од 30.000 занаетчии, лекари, медицински сестри и техничари од Македонија и Албанија од септември ќе бараат работа во Србија без никакви дополнителни документи, работни визи и посебни дозволи. Според пишувањата на српските медиуми, Србија очекува дека луѓе со основно, средно, но и високо образование ќе работат кај нив. Со иницијативата „Отворен Балкан“, административните бариери ќе бидат надминати.
Уште во март годинава Србија имаше просечна плата од 630 евра, со тоа што во Белград и Нови Сад има примања и над оваа сума, а српскиот претседател Александар Вучиќ сака да успее да ја доведе земјата во состојба да има просечна плата од 1.000 евра.
Македонските плати заостануваат. Во Македонија, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во мај 2022 година, изнесуваше 31.407 денари според податоците на Државниот завод за статистика.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/rawpixel.com