Ако сте незадоволни од услугите на операторoт, може да го пријавите преку Интернет!
Објавено во: Економија 31 Јануари, 2013
Отсега граѓаните ќе можат да поднесат приговор и по електронски пат до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за услугите од операторите на веб страницата www.komuniciraj.mk., наместо како досега, само лично или со испраќање документи по пошта.
Од АЕК посочуваат дека електронскиот приговор се поедноставува и олеснува целата постапка со цел заштита на корисниците и побрзо решавање на приговорите.
„Досега бевме затрупани со голем број приговори формално поднесени во печатена форма и сакаме од денеска да ги стимулираме граѓаните приговорите да ги поднесуваат преку нашиот портал при што ќе се добие во брзина, ефикасност и ќе добијат побргу одговор на своите приговори. Граѓаните ќе можат да ги поднесуваат приговорите од дома, а истовремено поттикнуваме користење интернет“, изјави на денешната прес конференција Роберт Орданоски, директор на АЕК.
Еве како се одвива процедурата!?За поднесување електронски приговор корисникот прво треба да креира свој профил на www.komuniciraj.mk преку корисничко име и лозинка.
Преку профилот пополнува формулар за поднесување приговор, при што ги приложува и сите документи поврзани со приговорот, како и веќе одбиениот приговор од операторот од чија услуга се жали. Откако ќе го добие приговорот АЕК го разгледува и ако утврди дека операторот неосновано го отфрлил приговорот од корисникот, презема соодветни санкции. Процедурата за одговор и решавање приговор, според АЕК, трае 19 дена. Расте бројот на приговори до АЕКАнализата на АЕК покажала пораст за 10 проценти на бројот на приговори откако службите од контакт центарот на Агенцијата ги информирале граѓаните што се обратиле до нив и за опцијата е-приговор. Во изминатите три години постојано се зголемува бројот на приговори до АЕК. Во 2010 година имало 400 приговори, во 2011 година 700, а до ноември лани 1.300. Приговорите претежно се однесуваат на високи телефонски сметки, користење услуги од операторот што не се во согласност со договорот кој корисникот го потпишал со операторот, брзината на интернет.
Од АЕК укажуваат дека е многу важно и превентивното делување за граѓаните да знаат што потпишуваат кога склучуваат договор со некој од операторите.