Добивај вести на Viber
За компаниите непроменети услови за кредитирање, по заострувањето во вториот квартал, за населението – олеснување. Околку 40% од анкетираните банкари изјавиле дека во третиот квартал од оваа економска година граѓаните полесно добивале кредити. Ова се наодите на најновата Анкета за кредитна активност што ја спроведе Народната Банка а се однесува на третото томесечје. До крајот на оваа банкарска година се очекува олеснување на условите за кредитирање за населението. Кај фирмите, побарувачката за кредити ќе расте, но дали ќе олабави кредитната политика?
ФИРМИ: Хипотека, бонитет, приходи – како банкарите одобруваат кредити?
Менаџерите од големата банкарска ’четворка“ изјавиле дека во третиот квартал, условите за кредитирање на фирмите останале непроменети. Но ваквиот одговор уследи откако во вториот квартал имаше заострување на условите, што значи дека банките продолжиле со претпазлива политика за кредитна поддршка на компаниите. Главни фактори што влијаеле да се остане на курсот на заострената кредитна политика се очекувањата за вкупната економска активност, очекувањата за перспективата на гранката на која и припаѓа фирмата што бара кредит и ризикот од неизвршување на обезбедувањето.
Како еден од важните фактори при одобрување на кредит за фирмите, според банкарите е хипотекарното обезбедување. Еве кои се останатите одлучувачки фактори при одобрување на кредит за компаниите :
-Бонитет на клиентот
-Приходи на клиентот
-Капитална моќ на клиентот
-Квалитет на инвестицијата
Банкарите се поделени во однос на прашањето дали е зголемена побарувачката за кредити. Половина од нив изјавиле дека побарувачката е делумно зголемена а половина дека состојбата останала непроменета. Во вториот квартал имало повеќе оптимизам, кога банкарите изјавиле дека очекуваат зголемување на побарувачката за кредити – нешто што сега го нема во најновата анкета.
Она што не навестува поголем оптимизам е и проценката да банкарите дека до крајот на годинава не се очекува значително олеснување на условите за кредитирање. Само мал дел од банките најавуваат делумно олеснување на кредитирањето на приватниот сектор. Од друга страна пак поголемиот дел од банкарите очекуваат зголемување на побарувачката за кредити и од страна на големите и од страна на малите компании.
Она што неодамна го изјави гуверенерот Димитар Богов дека потезите на монетарната власт не ги дале очекуваните резултати за олабавување на кредитната политика на банките, го потврди и оваа најнова анкета. Имено, директорите на големите банки изјавиле дека промените во монетарната политика во последните три месеци незначително влијаеле врз каматната политика што ја диктираат банките.
НАСЕЛЕНИЕ: Побарувачката за кредити ќе расте !
Грѓаните полесно добивале станбени и потрошувачки кредити во третиот квартал во однос на вториот квартал од годинава. Според банакрите, конкуренцијата е таа што делумно придонела да се олабават условите за кредитирање. Најголем дел од анкетираните банкари изјавиле дека очекувањата за вкупната кредитна активност, ризикот и кредитната способност на граѓаните се фактори кои влијаеле да не се менуваат условите за кредитирање.
Еве кои услови се пресудни при одбрување на кредити за населението:
-Приходи на клиентот
-Хипотекарно обезбедување
-Бонитет на клиентот
-приходи на гарантите, жирантите
И при одборување на кредитите за население, најголем дел од банакрите изјвиле дека мерките на Народната Банка имале незначително влијание врз каматната политика. Поголемиот дел од банките очекуваат дека до крајот на годинава се очекува делумно олеснување на условите за кредитирање на граѓаните. Во истиот период се очекува и зголемена побарувачка за кредити.
До крајот на оваа банакрска година според последните прогнози на НБРМ, кредтниот раст ќе изнесува нешто повеќе од 5%, што е под очекувањата и првичните проекции. Неодамна гувернерот Богов ги повика банкарите да ја зголемат кредитната активност.
“И покрај тоа што презедовме доста мерки, постојат други фактори што го ограничуваат кредитирањето. Ако некоја деловна банка има наредба да не кредитира, тука НБМ не може да направи ништо. Ние ја намаливме референтната камата на минимум, но банките имаат своја политика. Трансмисијата е доста слаба, главно поради конзервативните стратегии на домашните банки управувани од странски банки“ – изјави гувернерот Богов.
Досегашниот кредитен раст според банкарите главно е генерирано од нови кредити за населението, особено станбените и потрошувачките.
Нефункционалните кредити се на ниво од 11,8%, додека пикот беше достигнат во јуни, кога овие нефункционални пласмани изнесуваа 12,3%. Она што загрижува е растот на нефункционалните кредити кај приватниот сектор каде стапката достигна 14,9% додека кај населението стапката на нефункционални пласмани зинесува 6,9%.
“Релаксирање на монетарната политика следуваше откако Народната Банка ја намали референтната каматна стапка, потоа следуваше и намалување на каматите за кредитите. Банките имаат своја деловна политика, постојат критериуми и секако ризици, тука се и другите фактори како кредитната историја на клиентот, дали има финансиски и ликвидносни проблеми. Ако станува збор за фирма, какви прокети и бизнис планови нуди. Поради сите овие фактори, сметам дека не може да се случи радикален пораст на кредитирањето“ – изјави неодамна Ѓорѓи Јанчевски, првиот човек на Здружението на банкари.
Според последните располжливи податоци за септември, вкупната кредитна изложеност на банките изнесува 3,6 милијарди евра, додека вкупната депозитна база достигна 4,1 милијарда евра, што се смета за историски највисоко ниво.
А.Д.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.