Австрија побара итно затворање на сите алтернативни бегалски правци
Објавено во: Балкан 14 Март, 2016
Канцелрoт на Австрија Вернер Фејман побара веднаш да бидат затворени сите правци за бегалци и мигранти, вклучително и оние кои поминуваат низ Бугарија и Италија.
Во пренос емитуван на австриската државна телевизија, тој призна дека ја променил својата позиција во однос на бегалците откако сфатил дека оваа година може да се очекуваат уште повеќе мигранти.
„Бидејќи нема европско решение, ние нема да прифатиме повеќе од 37 500 луѓе оваа година“, рече уште канцеларот. Според него воведувањето на ограничувања за прием на бегалци е дел од „планот Б“ за самоодбрана.
„Мојата единствена грижа е да не започнат повторно со политиката на „пропуштање“. Австрија е должна да задржи цврста позиција по ова прашање“, предупреди Фајман и изјави дека распределбата на мигранти не функционира, бидејќи бегалците не сакаат да прифатат друга крајна дестинација освен Австрија и Германија и затоа не беа создадени „жешки точки“ на надворешните граници на ЕУ.
„Ние сакаме да се создадат прифатни центри, каде што на бегалците многу јасно ќе им се каже дека тие не може да избираат каде ќе добијат помош ... Не може да дејствуваме без хуманост, но не може и да нема ред ... Проблемот може да се реши само со завршувањето на војните во земјите од каде што доаѓаат бегалците“, изјавил Фајман.
На прашањето во врска со договорот меѓу ЕУ и Турција австрискиот канцелар вели дека Турција не „е обичен партнер“ и изрази резерви кон нејзиниот однос кон Курдите, како и кон слободата на медиумите.
Според него, сепак одлуката е важна за самата Турција, бидејќи на тој начин ќе биде полесно да биде разбиена мрежата на трговците со луѓе.