БАНКИ, БАНКИ, И САМО БАНКИ, А ЕВЕ КОИ ИМ СЕ ГЛАВНИ КОНКУРЕНТИ - објавени најпрофитабилните друштва за првите девет месеци

Објавено во: Финансии 22 Ноември, 2023 08:20
Нема рангирање што ќе се обидете да го направите во македонскиот бизнис сектор, а во кое банките нема да ги заземат лидерските места.
Едноставно е убаво да си банкар во оваа држава, покажуваат речиси сите податоци презентирани од релевантни деловни и финансиски институции.
Така е и на најновата листа која ја објави Македонската берза за долгорочни хартии од вредност, а која ги покажува македонските котирани акционерски друштва според профитабилноста, и тоа мерено за првите девет месеци од годинава.
Првите три места, ќе погодите, се резервирани за трите најголеми банки. Профитите на популарната банкарска тројка веќе и се знаат бидејќи и самите си ги објавија преку пазарот на капитал, но убаво е кога ги има на едно место за да се направи споредба и да се види која индустрија како котира во даден период.
Значи, банкарите не ги бие топ никогаш, а се чини дека високата инфлација која „кумуваше“ на зголемувањето на основните камати од централната банка им помогна уште повеќе, со разликата меѓу активните и пасивните каматни стапки.
Прва на листата на најпрофитабилни компании во првите девет месеци од годинава е Комерцијална банка со своите 50 милиони евра профит, или попрецизно 49,6 милиони евра. Тоа е и огромен раст во однос на истиот период лани, или зголемување од 64,7 проценти.
Следува повторно банка, и тоа Стопанска банка Скопје, чии профит е 40,3 милиони евра за првите три квартали. Растот во однос на лани изнесува 20,3 проценти.
И третата банка која буквално им дише во врат и која исто така одлично сработела во првите три квартали е НЛБ Банка, со чиста добивка од 39,6 милиони евра, а што означува зголемување за 19,1 отсто во однос на истиот период лани.
Телекомуникациите не се даваат. Македонски телеком е четврти на листата по профитабилност, остварувајќи речиси 27 милиони евра нето добивка. И оваа компанија работела поуспешно во однос на истиот период минатата година, а за тоа доказ е зголемувањето на профитабилноста за речиси 30 проценти.
Фармацијата и работењето на „Алкалоид“ се секогаш рецепт за успешност, па така, во првите девет месеци од годинава, таа компанија има остварено профит од 21,1 милиони евра, што е раст за 13,6 отсто во однос на истиот пертиод лани.
Ако минатата година беше „погодена“ од високите цени на енергенсите, оваа година скопската Цементарница УСЈЕ се враќа на патеките на топ профитабилноста, иако не дека и претходно немаше солидна добивка. Таа во првите девет месеци од годинава има добивка од 18,1 милиони евра, што е пораст за фантастични 79 проценти во однос на истиот период лани.
Нафташите и оваа година се во врвот на профитабилните компании, но поради падот на цените на нафтата и гасот и намалената потрошувачка, кај нив има значително намалување на профитите во првите три квартали.
„Макпетрол“ е на седмото место со 10,7 милиони евра, што е нешто послаб резултат од лани за 33 проценти, додека ОКТА е на десетата позиција, со профит од 5,1 милиони евра, а каде има намалување за 59 проценти.
Осми е Мермерниот комбинат Прилеп со добивка од 9,34 милиони евра, со благ пад од 6,5 проценти.
Уште една банка влегува во првата десетка, а таа е УНИ Банка, која се искачи на деветтото место по профитабилност, со 5,5 милиони евра остварена нето добивка во првите девет месеци, што е исто така одличен пораст за 35 проценти.
Потоа, после ОКТА, која како што напишавме е десетта, следуваат Прилепска пиварница, со профит од 3,34 милиони евра за девет месеци и со фантастичен раст од 90 проценти, па ОИЛКО, со 3,26 милиони евра профит или раст од 42 отсто.
Винарската визба „Тиквеш“ со 2,9 милиони евра профит во првите девет месеци има најголем раст од дури 181 отсто на профитабилноста, а по неа следува „Макстил“ со профит од 2,8 милиони евра во првите девет месеци, но каде намалувањето е резултат и на платениот солидарен данок.
Н.Н.Ф.Можеби ќе ве интересира
ТЕШКИ ДЕНОВИ ЗА БОГАТАШИТЕ: Цукенберг изгуби 18 милијарди долари за еден ден, Безос го следи со 16 милијарди

МАЛА ИМ Е ПЛАТА ОД 3.000 евра: Германија ја напуштаат сè повеќе луѓе, главно незадоволни работници од оваа професија

МАСК ИЗГУБИ 145, ГЕЈСТ 3, А ЦУКЕРБЕРГ 28 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ: Овој милијардер беше единствениот што заработи по царините на Трамп

ЦАРИНИТЕ НА ТРАМП ЈА „КУТНАА“ И МАКЕДОНСКАТА БЕРЗА - црвената боја завладеа, паѓаат акциите и на најмоќните

ЗОШТО ТРЕБА ДА ВИ БИДЕ ГРИЖА ЗА ПАДОТ НА БЕРЗИТЕ ДУРИ И АКО НЕМАТЕ АКЦИИ: „Ова е крвопролевање“, велат експертите за падот на азиските пазари

ПРОДОЛЖУВА СТРМОГЛАВИОТ ПАД НА БЕРЗИТЕ - пазарниот хаос предизвикан од тарифите сè уште не е завршен

НАЈНОВАТА РАНГ ЛИСТА НА ГРАДОВИ СО НАЈМНОГУ МИЛЈАРДЕРИ - предводи Њујорк, еве колкаво богатство имаат поединечно
САМО ЕДЕН ДЕН ПО ВОВЕДУВАЊЕТО НА ТАРИФИТЕ: Најбогатите луѓе во светот изгубија 208 милијарди долари

СЕ ОГЛАСИЈА „ПЕЛИСТЕРКА“ И „ТИМОХ“ ДО АКЦИОНЕРИТЕ: Стопанска банка Битола не е на продажба, не постои таква одлука на акционерско Собрание
