Беџети: Проценителите ќе обезбедат економска стабилност на пазарот
Објавено во: Економија 02 Февруари, 2013
„На крајот на минатата година се извршија и првичните формални и неопходни активности за започнување со работа на проценувачите во Република Македонија. Имено со формирањето на Комората на проценувачи формално започнаа со работа проценувачите во Република Македонија“, вели министерот за правда Блерим Беџети, во интерву за МИА на прашањето до каде се законските измени за уредување на материјата за вршење на процена со кои ќе се обезбеди уставното право за утврдување на пазарната вредност на предметот на процена при експропријациите.
Беџети информираше дека на основачкото Собрание се усвоени и основните акти на Комората и беше избран претседател.
„Процените се неопходни и се вршат во сите случаи на пренос на правото на сопственост, кога се определува вредноста на капитал во случаи во кои доаѓа до промена на вредноста и структурата на капиталот и при статусни промени, во постапки на стечај и ликвидација, при финансирање и подигање на хипотекарен и заложен кредит, при пребивање на побарувања во постапка за експропрацијација, одданочување со даноци на имот, инвеститорски консалтинг и во други случаи предвидени со закон“, посочи Министерот.Со носење на законот ќе се безбеди економска стабилност на пазарот, оценува Беџети, а исто така ќе се обезбеди уставното право за утврдување на пазарната вредност на предметот на процена при експропријациите, како и при определување на вредноста на капиталот на друштвата во сите случаи кога доаѓа до промена на вредноста и структурата на капиталот, во стечајните постапки, при финансирањето и кредитирањето, и други случаи предвидени со закон.