Беким Сали: Жал ми е за Благојче, но Министерството за здравство не е најодговорно
Објавено во: Македонија 09 Февруари, 2023
Беким Сали, министерот за здравство, денеска ја искоментира веста за смртта на Благојче Илиевски од Битола, кој не го дочека лекот трикафта. На новинарско прашање, рече дека Министерството за здравство не припаѓа меѓу најодговорните институции во овој случај. Најтешко болниот пациент од цистична фиброза почина откако три години чекаше да го добие лекот кој власта ветуваше дека ќе го набави.
„Јас изразив сочувство до Асицијацијата на болни од цистична фиброза и они ја знаат мојата спремност за решавање на тој проблем, кој беше наталожен од други фактори, а не од министерството.
Министерството не ги купува лековите, туку го организира системот и правно ги овозможува сите движења и давања на ингеренции за располагање и организирање. Министерството за здравство не би било најодговорната институција за тој случај, ние навремено пријавивме и побаравме поддршка од Владата и од Министерството за финансии и МГ, а имавме и барање до Фондот за здравство позитивно да одговори на тоа барање за третман на тие пациенти.
Поради задолженијата кои ги добивме на седница на Влада, се врши промена на тие закони за директно преговарање со производител на лекови, но за тоа е потребно време. За жал, еден од пациентите почина. Со денешна одлука на Фондот за здравство на седница Управен одбор треба да се овозможи лекови за трифакта за оние кои се во критичка состојба. Во моментов осум се во тешка состојба и уште 22 се веќе во фаза на средно тешка состојба и тие се меѓу барањата кои сме ги испратиле и институционално и преку медиумите“, рече Сали.