Бектеши: Зголемување на ДДВ-то нема да ја зголеми инфлацијата, нема поскапување на производи со „гарантирана цена“
Објавено во: Економија 09 Октомври, 2023
Ниту еден од производите со „гарантирана цена“ нема да има ДДВ поголем од пет отсто, потенцираше министерот за економија Крешник Бектеши. Според него, цената на овие основни прехранбени производи може да биде само дополнително намалена, но не и зголемена.
Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата „Македонска економија-довербата расте“, посочи дека и покрај зголемување на ДДВ-то „нема шанси да порасне инфлацијата во делот на храната“.
Сепак, тој повторни дека се уште во целост не ја погледнал листата на производи за кои се најавува зголемување на данокот на додадена вредност, но доколку се утврди дека со неа се опфатени и некои од основните прехранбени производи со гарантирана цена, тоа, потенцира, ќе биде веднаш корегирано.
- Им гарантирам на граѓаните дека ако во листата на производите со зголемено ДДВ има технички грешки направени од вработените во Министерството за финансии, тоа утре ќе биде ревидирано. Во однос на другите производи, тоа е одлука на Министерството за финансии и ќе имаме можност дополнително да ја разгледуваме. Јас утрово разгледав одредени производи од листата, во текот на денот ќе ја прочитам цела листа и ако има потреба, утре на владина седница, како Министерство за економија ќе го кажеме нашиот став - подвлече Бектеши.
На прв поглед, дополни, двете одлуки, за „гарантирана цена“ и за зголемен ДДВ можеби се контрадикторни, но, како што потсети, листата на производи со замрзната цена е направена врз основа на анализи и факти.
Според него, има простор за дополнително намалување на цената на основните прехранбени производи до крајот на ноември и декември и тоа, најави, ќе се случи.
- Основните прехранбени производи опфатени со одлуката за „гарантирана цена“ ќе бидат само намалени, не може да се случи да бидат зголемени. Нема опција тие да бидат поскапени - нагласи министерот.
Во врска со одлуката за овошјето и зеленчукот, потсети дека е изменета.
- Тука нема целосно замрзнување зашто ги укинавме царинските давачки и за јужното овошје и за други земјоделски производи. Затоа, да бидеме внимателни кога правиме споредби - рече Бектеши.
Министерот е уверен дека во однос на инфлацијата ќе биде надминато она што го вети Владата до крајот на годината. Во континуитет, секој месец, ќе има, како што напомена, намалување на инфлацијата, посебно во делот на храната.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.