БЕВ СРЕЌНА КОГА СКАФАНДЕРОТ МИ ГИ КРИЕШЕ СОЛЗИТЕ ВО БЕЗНАДЕЖНИТЕ МОМЕНТИ: Интервју со д-р Милена Стевановиќ
Објавено во: Македонија 03 Јуни, 2021
Епидемиолошката состојба во Македонија
полека се стабилизира. Дел од рестриктивните мерки се укинати, но здравствените
власти постојано апелираат да останеме внимателни, претпазливи, бидејќи, како
што велат во изминативе 15 месеци насекаде во светот се лекуваше само една
патологија, корона вирусот, за кој науката вели дека е целосно непредвидлив. Дали
навистина полека заминува Ковид-19, нема ли во наредниов период да бидеме
сведоци на нов налет, на нов бран, ќе се испразнат ли и последните
ковид-центри? Директорката на Клиниката за Инфективни болести, д-р Милена
Стевановиќ само пред неколку месеци за Фактор изјави дека искрено сака да стави
„клуч“ на одделенијата за ковид-пациенти, а во денешното интервју, сепак
посочува дека ниту во наредниов период не може да биде сигурна дека тоа ќе се
случи. Среќна е, вели таа, што заштитната опрема, скафандерот не ретко им ги
криел солзите од пациентите и од семејството во безнадежните ситуации.
Изминатиов период сведоци сме на голем пад на бројот на новозаразени со корона вирусот, а следствено на тоа секојдневно се намалува и бројот на пациенти кои бараат болничко лекување. Иако голем број ковид-центри ги затворија вратите, на Клиниката за инфективни болести бројот на хоспитализирани поради ковид компликации е 35, ќе се оствари ли вашата желба некаде во јули да се стави „клуч“ и на најголемиот ковид-центар во Македонија?
Д-р Стевановиќ: Верувам дека бројот на пациенти ќе биде мал, многу би сакала воопшто да немаме пациенти со Ковид-19 но, секако не можам да бидам сигурна дека тоа и ќе се случи.
Ковид компликациите постојано се менуваат, со што се соочувате сега на Клиниката за инфективни болести, кои се најчестите проблеми кои ги имаат вашите пациенти иако се малку на број?
Д-р Стевановиќ: Бројката на хоспитализирани болни е мала но, сè уште имаме сериозно тешки болни. Компликациите како и тежината на болните не се разликува од периодот кога беше и врвот на пандемијата, се работи за болни кои имаат сериозни потешкоитии со дишењето, компликации со бубрезите, срцето и секако со згрутчувањето на крвта. Имаме тешки повозрасни пациенти но, и пациенти кои се релативно млади.
Иако состојбата дефинитивно се смирува, епидемиолозите стравуваат дека е можно да има и четврти бран на есен. Кои се вашите видувања за претстојниот период?
Д-р Стевановиќ: Веројатно никој не може со сигурност да каже дека ќе има и четврт бран или каков ќе биде во смисла на број на пациенти или пак во манифестацијата на клиничката слика. Она што го научивме во изминатите петнаесет месеци е дека мораме да бидеме претпазливи и секогаш да бидеме подготвени за најлошото сценарио. Ако летото биде мирно, ќе имаме можност да се рехабилитираме, да се одмориме и подготвиме за евентуален нов напад на КОВИД-19.
Верувам дека сакате модуларната болница, која беше специјално направена да ги задоволи потребите за хоспитализација во налетот на корона вирусот, да остане празна. Но, дали понатаму ќе биде искористена и за што би била наменета?
Д-р Стевановиќ: Искрено се надевам дека модуларната болница ќе останае празна, или без ковид пациенти. Што се однесува до нејзиното користење во иднина има повеќе опции. Пред распаѓањето на клиничкиот центар, постоеше една барака која ја викавме „карантин„ и беше наменета токму за пациенти со карантински болести и неопходна изолација. Со распаѓањето на Клиничкиот центар таа барака ни беше одземена па бевме приморани да направиме адаптација на простор во самата Клиника кој ќе служи за таа намена и ќе овозможи наша брза организација за понатамошно делување, пациентите да бидат соодветно згрижени, а останатите пациенти и персонал да не бидат доведени во ризик од заразување. Модуларната болница може да ја игра токму таа улога во иднина. Еден дел секако ќе биде искористен за проширување на нашите дијагностички процедури кои сега ги работиме и оние кои беа во план да ги развиеме, но КОВИД 19 пандемијата не спречи да го отпочнеме нивното воведување. Сега ќе имаме покомотен и соодветен простор за ширење на овие дејности.
Има ли нешто што може да го издвоите и кое засекогаш ќе остане во вашето сеќавање во изминатата година и пол кога Клиниката за инфективни болести беше буквално преплавена со болни од корона вирусот?
Д-р Стевановиќ: Изминатите 15 месеци поминаа со неверојатна брзина. Секој од нас сигурно има различна перцепција за се што помина, но во едно сум сигурна, секој еден од нас ќе го запамети интензитетот на емоциите што ги доживувавме. Не ретко бев многу среќна во заштитната униформа која во голем дел ви го крие лицето, па пациентот или смејството не може да ви ги види солзите или болката во безнадежните ситуации. Го прегледувате сто осумдесет и првиот пациент, уморот не ви дозволува да ги контролирате емоциите, ви течат солзи по лицето, а вие и понатаму правите сè што мора иако знаете дека нема спас. Не беше помал интензитетот на чувствата и кога испраќавме пациенти дома, излекувани, после многу тешко и долго боледување. Секако сè тоа ќе остави трага на секој еден од нас независно во кој дел од лекувањето и негата на болниот сме биле вклучени.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.