БЕЗ „ИЛЈАДАРЧЕ“ НЕ ТРГНУВАЈТЕ СО ДЕЦА НА ПЛОШТАД: „Дедо Мраз“ ќе ви ги грабне од раце за да се фотографира, цените одат и до 500 денари!
Објавено во: Финансии, Македонија 26 Декември, 2023
Новогодишниот базар започна на скопскиот плоштад, а со тоа започна и маката на родителите кои сакаат да ги прошетаат своите деца покрај новогодишните украси во градот.
Плоштадот има анимации од сите страни за најмалите. Поставени се реквизити од поранешниот Луна парк, има неколку поставени штандови со санки на кои не го има само обожуваниот Дедо Мраз, туку и ликови од цртаните филмови кои им се омилени на дечињата.
Она на што родителите реагираа во разговор за „Фактор“ е големата нападност на дедомразовците, кои буквално ги фаќаат децата за раце и ги носат до санката да се фотографираат нудејќи им и новогодишни пакетчиња за дополнителен износ.
„Буквално ми ги одзема двете деца од раце и почна да им зборува дека биле умни и дека сега ќе се сликаат со Дедо Мраз и оти тој ќе им даде пакетче затоа што биле многу умни деца. Залудно беше моето негодување дека не сакам да ги фотографирам, човекот маскиран како Дедо Мраз воопшто не сакаше да ме сослуша. Ми ги одвлечка децата, а тиие мали и пресреќни, веднаш се качија на санката. Кога прашав колку ќе чини сликата се фрапирав. Тоа е легален грабеж! Една слика чини 300 денари и оди со гратис едно пакетче, јас морав да платам 500 бидејќи имам три деца“ вели една мајка за Фактор.
И екипата на Фактор сведочеше на неколку помали вакви инциденти.
Еден родител дури беше толку револтиран што праша што ако нема пари да плати и доби дрзок одговор дека тоа си е негов проблем.
Веднаш по таа санка, следува уште една, каде родителите ги дочекува иста ситуација, па тие мора да ги враќаат децата и да им објаснуваат дека веќе се фотографирале.
Што се однесува до другите цени на градскиот плоштад, тие се генерално во рамки на нормалата. Освен фотографирањето со Дедо Мраз кој се чини дека е и премногу ориентиран кон чист профит, цените за кафе изнесуваат од 60 до 100 денари, додека пак за традиционалните американски крофни, износот за голема порција е 120 денари.
За возење на вртелешките износот за еден жетон изнесува 50/60 денари.
Д.Т.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.