06 Декември, 2025
0.0318

Битиќи vs Лазаров: Ќе успееме ли и како да ги зачуваме работните места

Објавено во: Економија, Колумни 11 Јуни, 2020 06:44

Добивај вести на Viber

Фатмир Битиќи е претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, а Дарко Лазаров е професор на Економскиот факултет во Штип и дел од економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата учествуваат во креирањето на економските политики на двете најголеми ривалски партии. Ги вкрстивме да одговараат на исти прашања - во петтата нивна колумна за Фактор одговараат на тоа дали какви се нивните очекувања за македонската економија годинава, по растот од 0,2 отсто во првиот квартал, колку ќе порасне невработеноста поради коронакризата и дали тоа ќе биде од драматични размери, но и како ќе се реши проблемот што многу земји се уште не ги отвораат границите за нашата држава.

Македонската економија во првиот квартал има раст од само 0,2 отсто, кога уште не беа ни толку изразени проблемите со корона кризата. Какви се Вашите очекувања, како ќе ја завршиме годинава? 

Битиќи: Имајќи ја предвид структурата на нашата економија, која е многу зависна од извозот и од поголемите економии, резултатот во првиот квартал е објаснив. Имено знаеме дека сите земји во светот кои се погодени со пандемијата, а се во ланецот на набавка на нашата економија или имаа целосен „lockdown“ или парцијален, и тоа секако кај нас во првиот квартал се одрази со пад на извозот на стоки и на услуги номинално за 7,1 отсто, а увозот на стоки и на услуги забележа намалување во номинален износ од 4,6  отсто. Графиконот подолу укажува кога светските економии почнале да ги чувствуваат последиците од Пандемијата, а тоа е на крајот на јануари и почетокот на февруари и тоа е доволен показател на влијание врз нашата економија.

Но, не треба да се заборави дека и во овој период најголем пораст е забележан во секторите информации и комуникации од 10,4 отсто, дејности во врска со недвижен имот од 6,5 отсто и друго. Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во првото тримесечје од 2020 година номинално расте за 2,7 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 63,2 проценти. 

Имајќи го предвид сево ова што погоре е кажано, очекувањата на глобалните движења, структурата на економијата во нашата држава, како и мерките преземени од страна на Владата за справување со последиците, но и ревитализирање на македонската економија, сметам дека ќе почувствуваме удар и пад на економијата, што е очекувано, посебно ако се земе предвид податокот кој го објави Светска Банка, дека падот на економијата заради пандемијата на корона вирусот до крајот на годинава ќе предизвика голем пад на светската економија, при што глобалниот раст ќе падне за 5,2 проценти и тоа ќе биде најдлабоката рецесија после Втората светска војна, а секако истиот извештај вели дека голем дел од економиите во светот ќе доживеат пад на БДП по глава на жител, најголем од 1870 година наваму. Нашата држава се уште е во оптимистичното сценарио или проекција за до крај на оваа година, полека се отвораат економските дејности, имаме сериозна програма за поддршка на граѓаните и стопанството преку трите сета економски мерки. Нема заобиколен пат надвор од оваа здравствено - економска криза, единствениот пат е низ неа. и ние ќе го изодиме заедно.

Лазаров: Стапката на раст од 0,2 отсто во првиот квартал е потврда дека македонската економија и во периодот пред да се случи кризата предизвикана од коронавирусот се соочувала со сериозни проблеми и не се движела во посакуваната насока како што не убедуваше Владата. Само за илустрација, стапката на раст во првиот квартал од 2020 година во Србија е 5,1 отсто, Унгарија 2,2 отсто, Бугарија 1,2 проценти, Хрватска 0,4 отсто. Ова укажува дека сме во групата на земји од регионот со најлоши економски перформанси во првиот квартал од годинава, нешто што е констатација и за периодот во последните две и пол години. Но, она што уште повеќе загрижува, е фактот што поради неспособноста на Владата во справување со здравствената криза и немањето јасна стратегија како да се справиме со економските последици од самата криза, годинава најверојатно ќе ја завршиме со рецесија поголема и од најпесимистичките прогнози.

Дополнително, ако ги анализираме факторите кои го детерминираат растот во првиот квартал, ќе констатираме дека во најголем дел е базиран на финалната потрошувачка на домаќинствата и јавната потрошувачка на државата. Имено, јавната потрошувачка во првиот квартал од годината споредено со истиот период лани се зголемила за 2,4 отсто, што укажува дека без ова вештачко стимулирање од страна на државата, секако финансирано преку задолжување, првиот квартал ќе го завршевме со негативна стапка на раст. Од друга страна, јавните инвестиции (капиталните расходи од буџетот и инвестициите на јавните претпријатија) заедно со инвестициите на приватниот сектор во првиот квартал од 2020 година споредено со истиот период лани бележат пад од 0,5 отсто, додека најнеповолно е што истовремено се забележува сериозно продлабочување на јазот во нето-извозот од -2,2 осто. Ова укажува дека ваквиот економски модел, базиран единствено на финална потрошувачка без инвестиции и со нарушена извозна конкурентност, е целосно погрешен и неодржлив.

Невработеноста падна на историски најниското ниво во првото тримесечје, на само 16,2 отсто. Но, веќе во март, април и мај се изгубени над 15 илјади работни места. Ќе ни стгане ли во наредниот период повторно невработеноста најголемиот проблем? 

Битиќи: По минатогодишната просечна стапка на невработеност кога постигнавме 17,3 отсто, што беше пад на невработеноста за 6 отсто, што беше постигнато со 67.000 нови вработувања, тој тренд се прели и на почетокот на 2020 година кога, според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2020 година, стапката на невработеност изнесува 16,2 проценти, што е историски најниска.

Оваа криза, за жал, ќе има последици од сите аспекти, и секако кон бројот на тие кои што ќе останат без работните места. Според Агенцијата за вработување, во период од март до мај имаме некаде околу 12.000 лица кои во овој период се стекнале со статус невработени.

Сите мерки што се преземаат во овој период, како и во наредниот период, ќе се водат по тоа кривата на невработеност да биде што порамна, да задржиме што повеќе работни места, што повеќе работници да останат на работните места, а оние чие работно место ќе се затвори, да ги поддржиме и заштитиме. Само со мерката финансиска поддршка од 14.500 денари за исплата на плати за април беа опфатени околу 20.000 компании кои вработуваат 130.000 луѓе. Секако, со низата мерки кои доаѓаат во делот на опоравување, поттикнуваме отворање на нови работни места со нови вештини, и секако, вработени кои тие промени ќе можат да ги следат.

Лазаров: Во однос на бројот на креирани работни места и стапката на невработеност во изминатиот период, вклучувајќи го и првиот квартал од 2020 година, навистина постојат многу економски и пазарни нелогичности. Имено, во услови кога реалниот БДП во првиот квартал од 2020 година споредено со четвртиот квартал од 2019 година се намалил за 272 милиони евра, имаме зголемување на бројот на вработени за 3.744. Истиот нелогичен феномен се случи и во првиот квартал од 2019 година споредено со четвртиот квартал од 2018 година кога во услови на намалување на реалниот БДП за 220 милиони евра имавме зголемување на бројот на вработени за 17.608. Ова укажува дека најголем дел од новите работни места креирани во изминатиот период немаат никаква економска логика, напротив се вештачки креирани, еден дел во јавната администрација, додека другиот дел преку скапо платени активни мерки од буџетот на државата. Потврда за тоа е загрижувачкиот пад на продуктивноста на трудот (реален БДП по работник) во последите две и пол години, нешто што е нотирано и во извештаите на Светска Банка и на Народната Банка на Македонија.

Од друга страна е сoстојбата со пазарот на труд во последните неколку месеци, кога бројот на невработени се зголемил за повеќе од 15 илјади. Но, овде зборуваме за оние лица кои добиле отказ и истовремено се евидентирале во Агенцијата за вработување како невработени, што значи дека бројот на лица кои ги изгубиле своите работни места е многу поголем, а тоа го потврдува податокот дека за април плата добиле 30.000 граѓани помалку споредено со јануари. За жал, поради влијанието на кризата и неспособноста на Владата да обезбеди соодветна и навремена поддршка на приватниот сектор со цел заштита на што е можно повеќе работни места, овие негативни тенденции на зголемување на невработеноста само ќе се интензивираат во наредниот период, што според некои проценки може да ја врати стапката на невработеноста на повеќе од 20 отсто до крајот на година.

На листите на голем број држави кои ги отворија или ќе ги отворат границите ние засега не сме пожелни. Како ќе се реши тој проблем и ќе биде ли тоа додатен економски удар за земјава? 

Битиќи: Прашањето е повеќе за епидемиолозите отколку за економисти, но секако ќе се обидам да одговорам. Отворањето на границите ќе се случи тогаш кога за тоа ќе се создадат услови и кај нас дома (пад на бројот на заразени) и секако кога ќе се создадат условите кај другите држави според нивните протоколи. За жал, однесувањето на сите чинители во нашето општество во изминатиот период не беше на завидно ниво, се надевам дека во наредниот период тоа ќе се подобри и слободата на движење на луѓето ќе се врати полека во нормала.

Дали решавањето на овој проблем и отворањето ќе биде додатен економски удар на земјава, сметам дека не. Ова го кажувам и заради фактот дека и претходно ние живеевме во една таква нормалност на отворени граници и слобода на движење на луѓето (заради тоа што движењето на стоки и услуги не е целосно стопирано) и секако не сме биле негативно погодени. Сметам дека во новата реалност, новата економија, отварањето на границите ќе придонесе позитивно кон зголемување на нашата конкурентност и позиционирање во регионот, но не само во него. 

Лазаров: Неадекватното справување со пандемијата ја рангираше Македонија како несигурна земја, поради што многу соседи не ставија во групата на непожелни држави. Тоа секако ќе има негативни економски последици од повеќе аспекти.

Всушност, таквото мапирањето на Македонија како небезбедна земја ќе ги одврати и така малиот број на потенцијални странски туристи кои се очекуваат годинава во нашите туристички центри, но истовремено ќе влијае негативно и врз бројот на домашни туристи. Ако го земеме во предвид податокот дека вкупниот број на туристи во 2019 година бил 1,2 милиони туристи, од кои поголем дел се странски туристи, тогаш може да очекуваме дека годинава ќе имаме целосно изгубена туристичка сезона и големи загуби на туристичкиот сектор, и тоа во услови кога земјите од регионот полека ги отвораат своите туристички капацитети и ги очекуваат првите гости.

Од друга страна, затворањето на границите за нашите граѓани ќе значи намалување на бројот на македонски граѓани кои летово ќе можат да одат на одмор во некоја земја во регионот што директно ќе влијае врз работата на туристичките агенции кои во моментот поминуваат низ еден навистина тежок период поради драстично намалениот обем на работа.

На крај, ограничувањето на движење за нашите граѓани ќе има влијание врз бизнис секторот со оглед на фактот што голем број на извозно ориентирани компании ќе имаат потешкотии во извршување на своите меѓународни деловни и трговски активности.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Мицкоски: Економијата мора да излезе од замката на ниски плати

Мицкоски: Економијата мора да излезе од замката на ниски плати

Миќовиќ за НИС и рафинеријата: Одлична можност фабриката во Панчево да се врати во српски раце

Миќовиќ за НИС и рафинеријата: Одлична можност фабриката во Панчево да се врати во српски раце

Милијардерите наследуваат рекордно ниво на богатство

Милијардерите наследуваат рекордно ниво на богатство

Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети

Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети

Кој е 10 пати побогат по изборната победа на Трамп: Се работи за еден од наследниците, а еве од што се збогатува

Кој е 10 пати побогат по изборната победа на Трамп: Се работи за еден од наследниците, а еве од што се збогатува

Директорот на НИС им се обрати на вработените: Еве што се случува со продажбата на компанијата

Директорот на НИС им се обрати на вработените: Еве што се случува со продажбата на компанијата

Еден од клучните генератори на побарувачката за биткоин оваа година моментално е во големи проблеми

Еден од клучните генератори на побарувачката за биткоин оваа година моментално е во големи проблеми

ДО КОГА МОЖЕ ДА ИЗДРЖИ СРБИЈА? Вучиќ за ситуацијата со НИС: Сигурен сум дека Русите ќе се договорат

ДО КОГА МОЖЕ ДА ИЗДРЖИ СРБИЈА? Вучиќ за ситуацијата со НИС: Сигурен сум дека Русите ќе се договорат

Планот на Нетфликс да го купи Ворнер Брос. ја фрла театарската индустрија во превирања

Планот на Нетфликс да го купи Ворнер Брос. ја фрла театарската индустрија во превирања