Благ пад на невработеноста во регионот
Објавено во: Балкан 31 Јули, 2013
Невработеноста е еден од најчестите проблеми кога се во прашање балканските земји, но според податоците на заводите за статистика, за граѓаните на овие земји можеби доаѓаат и подобри времиња.
Стапките на невработеност во Босна и Херцеговина (БиХ), Србија и Црна и Гора, според податоците на заводите за статистика во тие земји, се во благ пад, а во земјите од регионот е забележан и раст на бројот на регистрираните вработени лица, пренесува агенцијата Анадолија. Во мај годинава, бројот на регистрирани невработени лица во БиХ изнесувал 547.393, а во однос на април истата година, бројот се намалил за 0,4 проценти. Во Црна Гора, пак, во првата половина од 2013-та година, процентот на вработени пораснал заа 5,1 процент. Ситуацијата во Црна Гора е специфична и поради тоа најчесто вработувањата се зголемуваат во периодот на летната сезона. Пад на невработеноста има и во Србија, а според републичкиот завод за статистика на Србија, процентот на вработени за разлика од минатата година пораснал за 2 проценти. „Во однос на април минатата година, процентот на вработени е во пораст за 2 проценти. Минатата година тој изнесувал 34,3 проценти, а оваа година пак, тоа е 36,3 проценти", појаснил претставникот на републичкиот завод, Владан Божаниќ. Во Хрватска, пак, стапката на вработеност во првото тримесечје од оваа година изнесувало 35,4 проценти, што е за 1,9 процент помалку во однос на првото тримесечје од минатата година, покажуваат податоците на Хрватскиот завод за статистика. Како и во Црна Гора, и во Хрватска намалувањето на стапката на невработеност се должи на сезонските вработувања. Сепак, според аналитичарите, со оглед на тоа дека изостанува опоравувањето во реалниот сектор, нема опоравување ниту на пазарот на труд, што го потврдува движењето на невработеноста и стапката на невработеност во однос на истиот период лани.