БЛИНКЕН: Не знаевме за „пејџерските напади“ во Либан
Објавено во: Свет 18 Септември, 2024
Државен секретар на САД, Ентони Блинкен изјави дека САД не знаеле за „пејџерските напади“ во Либан и ги повика сите страни да се воздржат од понатамошна ескалација.
Блинкен ги повика сите на Блискиот Исток да „избегнат чекори што ќе доведат до понатамошна ескалација на конфликтот во Газа“. Претходно, Либан го обвини Израел за серија експлозии на пејџери што ги носеа членовите на групата Хезболах.
Во експлозиите загинаа 12 луѓе, од кои две деца, а скоро 3.000 луѓе се повредени.
Блинкен, за време на конференцијата во Египет, рече дека САД „не знаеле или учествувале на кој било начин во инцидентот“.
„Сè уште собираме информации и факти. Многу ни е јасно дека сите страни треба да се воздржат од чекори кои би довеле до натамошна ескалација на конфликтот во Газа“, рече Блинкен.
Блинкен разговараше со египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати, кој ги осуди нападите.
„Египет е против какви било еднострани дејствија што го загрозуваат суверенитетот на Либан. Ние даваме целосна поддршка и солидарност на владата на Либан и на либанскиот народ“, рече Абделати.
Во Либан денеска експлодираа воки-токи, при што има најмалку тројца мртви. Над 100 луѓе се повредени.