Интервју со доц. д-р Миленко Костов, неврохирург, Клиничка болница „Аџибадем Систина“
„БОЛКАТА ВО ВРАТОТ СТАНУВА СЕКОЈДНЕВИЕ – СÈ ПОЧЕСТО КАЈ МЛАДИ ЛУЃЕ ОТКРИВАМЕ ЦЕРВИКАЛНА ДИСКУС ХЕРНИЈА“
Објавено во: Македонија 17 Декември, 2025 10:30
Болката во вратот не е повеќе проблем само на повозрасната популација. Во ера на компјутери, мобилни телефони и долгo седење, сè повеќе млади луѓе се соочуваат со сериозни проблеми со вратниот дел од ‘рбетниот столб. Она што често започнува како блага и повремена болка, може да биде прв знак за цервикална дискус хернија, состојба што, доколку не се дијагностицира навреме, може да доведе до сериозни невролошки нарушувања. За причините, симптомите и современите можности за лекување, разговараме со доц. д-р Миленко Костов, неврохирург од Клиничка болница „Аџибадем Систина“.
Доц. д-р Костов вели дека болката во вратот не треба да се потценува. Таа е сигнал од телото дека нешто не е во ред. Со навремена дијагноза, правилен третман и промена на животните навики, цервикалната дискус хернија е состојба со одлична прогноза и целосно враќање кон нормален живот.

Д-р Костов, болката во вратот стана секојдневие за многу луѓе. Дали навистина станува збор за „болест на модерното време“?
Доц. д-р Костов: Апсолутно. Денешниот начин на живот директно влијае врз здравјето на ‘рбетниот столб, особено на вратниот сегмент. Долготрајното седење, работата пред компјутер, честото користење мобилни телефони со наведната глава и недоволната физичка активност создаваат континуиран и неправилен притисок врз дискусите во вратот. Кај голем дел од пациентите, болката започнува како блага и повремена, па често се занемарува. Но, токму таа „обична“ болка може да биде првиот знак за сериозна состојба како цервикална дискус хернија.
Што точно претставува цервикалната дискус хернија и зошто таа е толку проблематична?
Доц. д-р Костов: Цервикалната дискус хернија е дегенеративно заболување на вратниот дел од ‘рбетниот столб, при кое доаѓа до оштетување на интервертебралниот диск. Дискусите се мали, но исклучително важни структури кои овозможуваат движење и ја апсорбираат тежината и оптоварувањето. Со текот на времето, поради стареење или повторливи микротрауми, надворешната обвивка на дискусот може да ослаби или да пукне, при што внатрешниот мек дел излегува и врши притисок врз нервен корен или ‘рбетниот мозок. Бидејќи просторот во вратниот дел е многу ограничен, дури и минимално испакнување може да предизвика силни и непријатни симптоми.

Сведоци сме дека оваа состојба сè почесто се јавува кај помлади луѓе. На што се должи тоа?
Доц. д-р Костов: Цервикалната дискус хернија генерално се поврзува кај пациенти од 40 до 50 години, но денес гледаме пациенти и во триесеттите години. Причината не е една, туку комбинација од фактори – долги часови во седечка положба, неправилно држење на телото, недостаток на мускулна поддршка и континуирано оптоварување на вратот. Иако канцелариската работа сама по себе не е директна причина, таа значително го забрзува дегенеративниот процес и ја зголемува веројатноста за појава на хернија.
Како најчесто се манифестираат симптомите? Кога пациентите најчесто бараат помош?
Доц. д-р Костов: Најчестиот симптом е болка која започнува во вратот и се шири кон рамото и раката – т.н. радикуларна болка. Таа може да биде остра, жаречка или како електричен удар. Покрај болката, пациентите често се жалат на трнење, вкочанетост или слабост во раката. Во потешки случаи, кога има притисок врз ‘рбетниот мозок, може да се јават нарушена рамнотежа, несигурност при одење и проблеми со фина моторика. За жал, многу пациенти доаѓаат дури кога симптомите веќе сериозно го нарушуваат секојдневното функционирање.
Како се поставува дијагнозата и колку е важна навремената реакција?
Доц. д-р Костов: Дијагностиката започнува со детален клинички преглед, процена на мускулната сила, осетот и рефлексите. Магнетната резонанца е златен стандард, бидејќи овозможува јасен приказ на дискусите и нервните структури. Навремената дијагноза е клучна – колку порано се открие проблемот, толку се поголеми шансите за успешно лекување без хируршка интервенција.
Како се третира цервикалната дискус хернија?
Доц.д-р Костов: Во најголем број случаи се започнува со конзервативен третман – медикаментозна терапија, физикална терапија и корекција на секојдневните навики. Овој пристап е успешен кај околу 90% од пациентите. Доколку, и покрај тоа, симптомите траат подолго од осум недели или се јавува прогресивна невролошка слабост, тогаш се размислува за оперативен третман. Современата неврохирургија денес нуди минимално инвазивни и високо ефикасни решенија со брзо закрепнување.
Кои се најважните совети за луѓето што работат канцелариска работа?
Доц. д-р Костов: Ергономијата и движењето се клучни. Мониторот треба да биде во висина на очите, столот да обезбедува соодветна поддршка, а на секои 45 до 60 минути потребно е станување и кратко раздвижување. Редовните вежби за зајакнување на вратната мускулатура и правилното држење можат значително да го намалат ризикот од појава на сериозни проблеми.
„Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ користи современа технологија при неврохируршките интервенции на вратната кичма. Кои современи техники и методи се применуваат при овие операции, и на кој начин тие придонесуваат за прецизност, безбедност и побрзо закрепнување?“
Доц. д-р Костов:Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се користи современа технологија при неврохируршките интервенции на вратната кичма, вклучувајќи микроневрохируршка техника која овозможува висока прецизност и минимална траума, како и имплантација на современи импланти (кејџови) а во одредени случаи и вештачки дискови. Овие методи значително придонесуваат за побезбедна работа, подобра стабилност и побрзо закрепнување на пациентите.
Современата неврохирургија располага со три етаблирани оперативни техники. Првата е предната цервикална дискектомија, која се изведува преку минимално инвазивен преден пристап, каде со микроневрохируршка прецизност се отстранува хернираниот диск со цел директна декомпресија на нервните структури. Овој пристап овозможува мала траума на околните ткива и брзо постоперативно опоравување. Втората техника е предната цервикална дискектомија со фузија, каде по отстранување на дискусот се поставува „кејџ имплант“ од титаниум или биокомпатибилен материјал, исполнет со коскена маса која го стимулира процесот на создавање цврста коскена врска. Оваа метода е особено значајна при мултисегментни хернии и изразена нестабилност, затоа што обезбедува долгорочна стабилизација на рбетниот сегмент. Третата техника е цервикалната дискус артропластика, модерен биомеханички пристап при кој отстранетиот диск се заменува со вештачки дискус што ја зачувува природната подвижност на сегментот. На овој начин се намалува ризикот од секундарна дегенерација на соседните нивоа и се одржува физиолошката функција на вратниот ’рбет.
Можеби ќе ве интересира
Љупчо Пецов Ѓаволот пуштен во домашен притвор по апсењето на Стафа, имал нарушено здравје
ВИДЕО: Лути патници пцуеле и навредувале возач на ЈСП, затоа што автобусот го чекале еден час и се расипал
МВР со пријава против транспортери од Тетово, сакале да превезуваат ученици со измама
Битолчанец со секира во казино барал да му ги вратат парите што ги изгубил на коцка
„Дали е точно дека група обвинители на чело со Коцевски заташкуваат над 40 предмети за функционери од СДС и ДУИ?“: ВМРО-ДПМНЕ по оставката
ЖЕНАТА ДОНЕЛА ПИШТОЛ, МАЖОТ ПУКАЛ: Две лица осомничени за убиство во гостиварско
Муцунски од Брисел: Сите ние од Западниот Балкан треба да бидеме заедно во ЕУ
Македонија со 2 автобуса на 1 000 жители над европскиот просек од 1,6
Има ли некој што не јаде ајвар? Еве што открива статистиката за потрошувачката во домаќинствата...




