Босанските пензионери останаа без пензии – нема пари да им ги исплатат!
Објавено во: Балкан 09 Август, 2013
Запрена е исплатата на пензиите во Босна и Херцеговина (БиХ), поради тоа што федералниот Завод за пензиско осигурување немал доволно пари за исплата на пензиите.
Со ова се потврдија информациите на медиумите дека Завод за пензиско осигурување е пред финансиски банкрот.
„Хрватска пошта“ од Мостар, која е еден од двата федерални поштенски оператори, соопшти дека не може да изврши исплата на пензиите на сите свои корисници, бидејќи федералниот завод не и го уплатил вкупниот износ потребен за исплата“, пренесува порталот.
Оваа пошта, поделила пензии само во износ колкав што уплатил федералниот завод и, како што соопштува, другите пензионери ќе ги добијат парите во моментот кога пари ќе бидат уплатени од Заводот.
Се проценува дека федералниот завод е во минус од 35,7 милиони евра, а до ова дошло бидејќи владата на федерацијата не ги подмирила своите стари долгови од над 85 милиони евра.
Стабилизацијата на пензискиот систем беше еден од условите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) со кој на земјата во 2012 година и беше одобрен двогодишен стенд бај аранжман во износ од околу 400 милиони евра.