Добивај вести на Viber
Во првите шест месеци во државната каса се собрале приходи во износ од 1,33 милијарди евра, покажуваат последните податоци од Министерството за финансии. Оваа сума на приходи претставува остварување од 46,3 отсто, односно има потфрлање на планираните приходи за 3,7 отсто во однос на првичниот буџет. Од друга страна државата од буџетот за шест месеци потрошила 1,45 милијарди евра, што е реализација од 45,3 отсто. Пресметката е направена согласно со прописите дека за половина година реализацијата на буџетските приходи и расходи треба да изнесува 50 проценти. Инаку потфрлувањата на буџетските приходи и расходи се направени во споредба со првично планираниот буџет, бидејќи тој формално е се уште важечки, се додека Собранието не го изгласа ребалансот на буџетот.
Според податоците најголемо потфрлување има кај капиталните расходи околу 24 отсто или за оваа намена во првите шест месеци се потрошиле околу 100 милиони евра.
На приходната страна, најмногу пари се собрале од даноци или 787 милиони евра што е реализација од 48,6 отсто.Најдобра реализација од 52,3 отсто има данокот на добивка, а најслаба или 46,6 отсто персоналниот данок на доход. Од данокот на додадена вредност се собрале 382 милиони евра или 48,9 отсто од планираното.Од придонеси во првите шест месеци се слеале 391 милиони евра или 48,9 отсто од планираното.
Потфрлување има кај неданочните приходи чија реализација изнесува 32,5 проценти во однос на првичниот буџетски план или 97,3 милиони евра. Капиталните приходи во првите шест месеци од годината изнесуваат близу 14,5 милиони евра или 28 проценти од планот. Според економистите овие податоците покажуваат дека неизвесноста од политичката криза и натаму негативно влијае врз буџетот. На месечно ниво во споредба со мај во јуни приходите од даноци се намалени за пет милиони евра, а од ДДВ за 2,4 милиони евра.
За шест месеци дефицит од 129 милиони евра
Во првото полугодие буџетскиот дефицит изнесувал 129 милиони евра што е околу 42 проценти од првично планираниот дефицит од 308,7 милиони евра. Споредено на месечно ниво буџетскиот дефицит во јуни изнесувал 10 милиони евра, а во мај 19 милиони евра.Вкупните капиталните расходи во јуни во споредба со мај бележат пад.
На расходната страна најголемо е потфрлувањето кај капиталните трошоци чија реализација е околу 24 отсто. Според првичниот план за оваа ставка годинава беа планирани 416 милиони евра, а во првото полугодие се потрошени близу 100 милиони евра.А со ребалансот парите за капитални проекти се скратени за 45 милиони евра. За плати од буџетот се потрошиле речиси колку што е планирано или 49,6 отсто. Потфрлување има и на реализацијата за стоки и услуги. За камати по основ на домашен и надворешен долг од државната каса за шест месеци се одлеале 38,3 милиони евра.
Со ребалансот се скратија капиталните инвестиции, се продлабочи дефициот
Според информациите денеска се очекува пратениците во Собранието да го изгласаат ребалансот на Буџетот. Неколку дена власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за потребата од ребалансот и последиците од неговото носење. Опозицијата обвини дека се кратат пари за ставки кои се важни за економијата и за граѓаните, а се зголемуваат непродуктивните трошоци.
„Срамота е да не објасните дека во тој ребаланс се крати се она што треба да донесе корист за граѓаните на Македонија, бидејќи нема доволно приходи, а ќе трошите онаму каде што се лудориите на оној кој што ви шета низа Македонија“, изјави на собраниската седница деновиве Стојко Пауновски од СДСМ.
Власта возврати дека со ребалансот не се кратат проектите кои се важни за граѓаните, и дека Македонија и натаму ќе остане меѓу најразвиенит економии.
„Ако за вас не се од корист капитални инвестиции во патна, железничка,комунална инфраструктура, образование, за граѓаните се. Ако за вас не се од корист исплати на плати, пензии и социјална помош за граѓаните се“, изјави Драган Цуклев од ВМРО ДПМНЕ.
Со ребалансот економскиот раст за годинава е ревидиран од 4 на 2,3 отсто, а буџетскиот дефицит е продлабочен на 344,4 милиони евра или од 3,2 на 3,6 отсто од БДП. Најголемо кратење има за 45 милиони евра има за капиталните инвестиции. Скусени се парите и за стоки и услоги, но повеќе пари со ребалансот ќе има за плати, пензии и социјална помош.
Т.С
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: