Добивај вести на Viber
Црногорскиот приморски град Будва се наоѓа во енергетски колапс, со оглед на тоа дека трет пат во последните 12 часа остана без струја, поради хаварија во трафостаницата „Марковиќ“. Правата хаварија се случила синоќа околу 22 часот, во времето кога започнува периодот на ноќни забави во метрополата на црногорскиот туризам. Угостителските локали како и домаќинствата биле во мрак неколку часа, па поради тоа ја немало ниту забавата. Според соопштението од црногорскиот електро преносен систем екипите успеале да го санираат кварот на трафостаницата „Марковиќ“ но градот по полноќ повторно останал без напојување со електрична енергија. Утрово од 9 часот Будва е повторно без струја иако во градот има околу 70.000 туристи. Угостителските локали од будванскиот Стар град најавиле дека ќе бараат отштета од електростопанството на Црна Гора поради штетата која им е нанесена поради прекинот на струја. За среќа снабдувањето со вода е нормално.