БУЈАНОВАЦ ИЛИ ВРАЊЕ: Едноставна процедура за вакцинација во соседна Србија
Објавено во: Македонија 03 Февруари, 2021 11:27
Македонија е меѓу
128-те земји во светот каде до сега не е пристигната ниту една вакцина.
Властите во земјава ги најавуваат првите количини и од Фајзер и од кинескиот
производител Синофарм за во текот на месецов, но засега нема конкретни
информации кога тоа ќе се случи. Последната информација од Министерството за
здравство е дека во Македонија преку системот Ковакс ќе пристигне и вакцината
на АстраЗенека, а првата количина е планирано да пристигне
во март. Од КОВАКС информираат дека за нашата земја се предвидени помеѓу
103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35% треба да пристигнат во
првиот, а останатите во вториот квартал од годината.
И додека се говори за тоа колку дози треба да пристигнат, со напомена дека месецов нема да има масовна вакцинација, туку дека ќе се спорведува само првата фаза од Националниот план за имунизација против Ковид-19, голем дел од граѓаните планираат да заминат во соседна Србија и да се вакцинираат во некој од тамошните пунктови за имунизација.
-Не можам голема вина да фрлам врз нашите здравствени власти, иако има безброј критики во однос на набавката на вакцините против Ковид-19. Очигледно е дека се изиграни во целава ситуација, но јас и сопругот секако ги разгледуваме можностите да се вакцинираме во соседна Србија. Веќе има повеќе примери дека наши сограѓани се вакцинирале таму. Најблиску е Бујановац или Врање. Знаеме како новинари дека ние сме во втората група на граѓани кои ќе може да се вакцинираат во земјава, но навистина не знаеме кога би можело тоа да се случи, а искрено сметаме дека вакцинацијата е единствената и најдобрата заштита од корона вирусот, која би придонела да се стави крај на пандемијата, но и во случај да се заразиме, клиничката слика би била далеку полесна. Ја отворивме страницата https://imunizacija.euprava.gov.rs/ и гледаме дека постои опција за странски државјани без престој во Србија. Единствено треба да контактираме некои од нашите пријатели за да внесеме нивни телефонски број, значи српски број, на кој оттаму ќе не информираат кога би ни закажале термин за апликација на вакцината. Останатите податоци се генералиите на барателот, како и број на пасош. Воопшто не е комплицирана процедурата, вели за Фактор новинарката Ф.М.
Истовремено и жителка на Струмица вели дека е премногу чекање за почеток на вакцинацијата во нашава земја, особено што во регионов секаде се спроведува, со исклучок на Косово.
-Сакам да живеам нормално. Навистина на сите им се смачи веќе од целата криза со пандемијата. Ќерка ми е мала, што значи за нема каде и да би оделе ќе и вадиме ПЦР тест, но јас и сопругот сме големи поборници на вакцините. Очигледно тука доцнат и тоа многу. Читаме дека има секакви причини, дека компаниите немаат доволно произведено, дека во цела ЕУ постои вистинска борба за вакцините. За разлика од сите останати, Србија направи невиден успех, како тргнало ќе го вакцинираат цел Балкан. Секако дека имаме и ние пријатели во Србија, па сега ја разгледуваме можноста да заминеме таму да се вакцинираме. Да имам шанси тука, јас веднаш би се вакцинирала, но за жал процесот се оддолжи. Знам дека даваат сертификати на оние кои веќе ја примиле вакцината, и искрено верувам дека со тоа ќе биде олеснето и движењето, односно патувањата. Најважно од сè е секако спречување на понатамошното ширење на Ковид-19, светот премногу се затвори, доста е веќе, вели за Фактор С. Ѓорѓиева од Струмица.
Иако сè уште не е прецизиран датумот кога ќе стигне првата пратка вакцини, здравствените власти во земјава потенцираат дека системот за вакцинација е целосно подготвен. Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против КОВИД-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се на првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.
Анита БуховскиФОТО/ТАНЈУГ: Никола Анџиќ
Можеби ќе ве интересира
Агелер: Без разлика дали има пристапни преговори патоказот постои, сакаме да видиме повеќе напредок на тој план
МВР отвора шалтер за „Безбеден град“ - граѓаните ќе можат да ги ажурираат контакт-податоците
Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Министерство за здравство ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за смртта на новороденчето
Нема да има огномет од Град Скопје за Нова година?
Собранието го констатираше престанокот на функцијата на обвинителот Коцевски




