Добивај вести на Viber
Државните капитални инвестиции се намалуваат, странските директни инвестиции паѓаат, но со забавено темпо. Народната Банка го објави својот најнов, мајски извештај за макроеконосмките показатели. Се очекува позасилен инфлаторен притисок поради повисоките акцизи за алкохолот и цигарите. Увозот и извозот растат со позасилено темпо од очекуваното.
Нема сигнали за закрепнување!
Се потврдија сигналите што ги испрати металуршкиот сектор. Цените на металите и нарачките од странство и натаму ќе се намалуваат. Во својата најнова анализа за мај, Народната Банка излезе со оценка дека надолните ризици околу закрепнувањето на економијата и понатаму се присутни и дека очекувањата за бавното спроведување на предвидените реформи неповолно ќе влијаат врз довербата на економските субјекти.
Според проекциите на НБРМ, и понатаму во текот на оваа 2013 та година ќе има пад на економската активност во европските економии, додека влегување во зоната на позитива се очекува во 2014 та година.
“Со тоа, подобрувањето на финансиските услови и приспособливите монетарни услови повторно не придонесоа за позабележливо закрепнување на реалниот сектор. Последните оцени за економскиот раст за евро-зоната за 2013 година се ревидирани во надолна насока. Проекцијата за движењето на цените на металите е ревидирана надолу, покажувајќи понеповолни услови на размена за овој дел од извозниот сектор“ - пишува во најновиот Извештај на НБРМ.
Според проценките на Централната Банка, еден од клучните ризици е поврзан токму со металуршкиот бизнис, односно со очекувањата за цените на металите на светскиот пазар, коишто повторно беа ревидирани надолу и можат да доведат до полоши извозни остварувања на македонските компании.
Во периодот што следува се очекува натамошно намалување на цените на бакарот и на никелот, тренд што се очекува да продолжи и во 2014 та година.
“Во 2014 година се очекува дека цените на никелот ќе забележат пад, наспроти претходно предвидениот раст, додека цените на бакарот ќе остварат сличен раст со стапка од преходната проекција“ - оцени аналитичкиот центар на НБРМ.
Инфлација: поскапувањето на алкохолот и цигарите ќе го зголеми притисокот!
Иако Централната Банка останува на истата проекција за годишна инфлација од 3,4%, сепак се посочува дека во април е регистриран посилен месечен раст предизвикан од растот на цените на зеленчукот.
Дополнителен ризик врз зголемувањето на инфлаторниот притисок, според НБРМ ќе биде поскапувањето на алкохолот и на цигарите, поради зголемување на акцизата.
“Дополнителни ризици за повисока инфлација, коишто се појавија од последните проекции наваму, се најавите за зголемување на акцизите на цигарите и алкохолните пијалаци, додека ризикот за пониски цени на домашните житни производи, заради поволните временски услови за одгледувањето на овие култури, имаше спротивно влијание.“ - пишува во Извештајот на НБРМ.
Според најавите од странство, цените на храната на светските берзи ќе растат, додека нафтата ќе поевтинува. На домашен терен, НБРМ регистрирала поголема инфлација од очекуваната во прехранбениот сектор.
Јунските оценки упатуваат на повисок раст на цената на пченицата, додека цената на пченката ќе се намалува.
Реален сектор: капиталните инвестиции се намалуваат!
Странските директни инвестиции и натаму се намалуваат – но со позабавено темпо. Во исто време, НБРМ регистрираше и намалување на капиталните трошоци од државниот буџет.
“Кај странските директни инвестиции дојде до забавување на трендот на годишен пад. Наспроти тоа, државните капитални трошоци бележат пад, наспроти високиот раст во претходното тромесечје. Долгорочното кредитирање на домашниот приватен сектор продолжи посилно да се намалува“
Извозните остварувања во април, според Централната Банка се поголеми од очекувањата, пришто извозот забележал годишен раст од 14,8%, главно генериран од компаниите што работат во Слободните економски зони, потоа од извозот на железо и челик и од извозот на храна.
Во исто време, во април е регистриран и раст на увозот со стапка поголема од проектираната. Повиски стапки од очекуваните имало при увозот на опрема и машини,суровини, храна и стоки за широка потрошувачка.
Д.А.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.