ЧИИ АКЦИИ СВРТЕА ПОВЕЌЕ ОД ДВА МИЛИОНИ ЕВРА НА ПАЗАРОТ НА КАПИТАЛ - три банки, еден „фармацевт“ и еден „нафташ“ го држат главниот промет на Берзата
Објавено во: Економија 08 Февруари, 2024
Три банки, еден фармацевт и еден нафташ. Тие се топ пет компаниите чии акции доминантно се тргуваат на Берзата и во кои инвеститорите сакаат да ги вложуваат своите слободни средства. Така отприлика беше и минатата година, е така е еве и во првиот месец од годинава, јануари.
Од Македонската берза го објавија јануарскиот билтен, а тој говори дека убедливо најтргувана акција во првиот месец од годинава била акцијата на Комерцијална банка. Со оваа акција бил направен промет од 2,12 милиони евра, а бројот на трансакции е 8.546.
Акцијата на Комерцијална банка достигна просечна цена од 15.253 денари за акција, а сега оди уште нагоре, достигнувајќи вредности над 16 илјади денари. Прометот со акциите на Комерцијална банка учествува со над една третина, односно со 37,2 отсто од вкупниот промет на Берзата.
Уште една банка, словенечката НЛБ, покажува дека нејзината акција и тоа како е атрактивна за инвеститорската јавност во земјава. Со акциите на НЛБ Банка е направен промет од 1,6 милиони евра во јануари, а бројот на остварени трансакции изнесува 3.220. Цената на акцијата на таа банка изнесувала во просек 30.485 денари за акција, а сега е веќе околу 33 и пол илјади денари. Со акциите на НЛБ Банка е направена нешто помалку од една третина од вкупниот берзански промет во јануари, или 28 проценти.
Фармацевтскиот „бисер“ на земјава „Алкалоид“ , како и секогаш е примамлив за граѓаните и компаниите кои сакаат сигурно и исплатливо да ги вложат своите пари, па затоа оваа акција важи за една од најатрактивните. Затоа и акцијата на „Алкалоид“ е трета најтргувана акција во јануари годинава, и со овие хартии од вредност е остварен промет од 882 илјади евра, а направени се 2.938 трансакции. Просечната цена на „Алкалоид“ изнесувала 18.500 денари по акција, а сега таа е уште повисока и изнесува околу 19.500 денари. Со акциите на „Алкалоид“ е направен промет од близу 16 проценти од вкупно направениот берзански обрт во првиот месец од годинава.
Секогаш атрактивни за инвеститорите се и акциите на „Макпетрол“, најголемиот нафтен дистрибутер во земјава. Со нивните хартии од вредност е направен промет од 439 илјади евра, бројот на трансакции е 418, а просечната цена на акцијата е 64.690 денари за акција. Во вкупниот промет учествувале со близу 8 проценти.
И, нашата најстара банка, Стопанска Скопје, покажува дека има сосема солидни акции, со кои е остварен промет од 171 илјада евра, што е над 3 проценти учество во вкупниот. Акцијата на таа банка во јануари во просек била 1.376 денари за акција.
Следуваат акциите на УНИБанка, Гранит, Македонија турист, Македонски Телеком и Макстил.
Берзанскиот билтен покажува и дека во јануари најголем пораст на цената имале акциите на „Раде Кончар“, и тоа за близу 43 проценти, како и акциите на Адинг, УНИБанка, Комерцијална банка и Прилепска пиварница, додека пад има кај акциите на Тетекс.
Во јануари прометот на берзата пораснал за околу 39 отсто во однос на пртетходниот месец.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.