Добивај вести на Viber
Мирослав Мишковиќ уплатил кауција од 12 милиони евра во динарска противвредност и наскоро треба да биде пуштен да се брани од слобода, информира Б92. Cтанува збор за најголемата кауција платена во историјата на српското судство, а уплатата ја извршила компанијата на Мишковиќ, „Делта холдинг“, потврдиле од компанијата за Б92.
На Мишковиќ, кој ќе биде пуштен од притвор во кој се наоѓа од декември 2012 година, одземен му е пасошот и одредена му е мерка забрана за напуштање на државата, со обврска секој 1-ви во месецот да се јавува во полиција.
Јавното обвинителство за организиран криминал на Cрбија на 9 мај подигна тужба против сопственикот на „Делта холдинг“, неговиот син, Марко Мишковиќ, Мило Ѓурашковиќ и уште осуммина, обвинувајќи ги дека ги оштетиле компаниите за одржување на патиштата за 16,95 милијарди динари, а буџетот на Cрбија го оштетиле за 472 милиони динари. Мирослав и Марко Мишковиќ и Ѓурашковиќ се обвинети за сторено казнено дело „злоупотреба на положбата на одговорни лица и соучество во даночно затајување“, а за двете дела е пропишана казна затвор до 10 години.