Д-р. САДУЛА УСЕИНИ ЗА ФАКТОР: Излекувани од Ковид-19, донирајте крвна плазма да спасиме уште животи
Објавено во: Македонија, Корона Вирус 29 Април, 2020 07:20
Овие денови
на Институтот за трансфузиона медицина се очекува првиот донор на крвна плазма,
со што и во нашава земја почнува ерата на современо лекување на инфицираните со
Ковид-19. Според директорот на Институтот, д-р. Садула Усеини, ова е уште една надеж
за пациените, особено за оние кои имаат тешка клиничка слика да бидат успешно
излекувани со антитела од пациенти кои се
избориле со новата вирусна инфекција.
Директорот Усеини за Фактор вели дека станува збор за многу сериозна работа и изрази надеж дека сите нивни напори ќе имаат крајно позитивни резултати. За самиот метод и постапка на лекување ни даде подетални информации:
-Во крвната плазма на лицето кое било излечено од вирусната инфекција Covid-19 има антитела кои организмот ги создал за време на борбата против болеста. Плазмата која ги содржи овие антитела кои се борат со инфекцијата се нарекува конвалесцентна плазма. Таа се користи за лекување на заболените од COVID-19, бидејќи се врзува за вирусот во организмот на болниот, го намалува неговото дејство, а со тоа ја намалува и прогресијата на болеста. Терапија со конвалесцентна плазма се покажала ефикасна во борбата против болестите предизвикани од вирусите Ебола и САРС. Со оглед на тоа дека не постои специфична терапија, ни вакцина, неодамнешните истражувања укажуваат дека конвалесцентна плазмa може да биде корисна во лекувањето на инфекцијата предизвикана од новиот коронавирус (SARS-CoV-2), изјави за Фактор, д-р. Усеини.

Во насока на популаризација на донорството на крвна плазма д-р. Усени се обраќа со зборовите: „И Вие можете да спасите нечиј живот по закрепнувањето од болеста предизвикана од вирусот COVID-19“, појаснувајќи кој се може да донира крвна плазма.
-Конвалесцентна плазма може да дарува лице кое има оздравено од инфекција COVID-19, ако ги исполнува стандардните услови за дарување на крв и дополнителните критериуми: Да имaат документиран лабораториски доказ дека биле болни од COVID-19, да имаат два негативни теста во рок од 24 часа, да се минимум 21 ден без симптоми, по што ќе се направи дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус, машки дарители или женски дарители, но кои не раѓале или се негативни на HLA антитела. За дарители од женски пол, кои биле бремени ќе се прави и Anti-HLA антитела. Се зема примерок за одредување на концентрација, или стручно кажано титар на неутрализирачки антитела Anti-SARS-CoV-2, вели д-р. Усеини.
Истовремено, д-р. Радица Грубовиќ, исто така од Институтот за трансфузиона медицина за Фактор ја објасни постапката како се дарува конвалесцентната плазма, нагласувајќи дека мора да бидат запазени сите пропишани стандарди.
-Постапка за дарување на плазма се вика плазмафереза и се изведува со високо софистициран клеточен сепаратор. Постапката трае од 40 до 60 минути и се издвојува од 300 до 600 мл плазма, а останатите компонетни се враќат на донорот. Плазмата која е дарувана е течниот дел на крвта кој брзо се надокнадува. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години со телесна тежина поголема од 60 килограми кој ги исполнува наведените критериуми, за кои говореше директорот Усеини, појаснува д-р. Грубовиќ.
Тоа што е многу важно, како што нагласи Грубовиќ, е дека пред донирањето мора да се направат лабораториски испитувања и тоа:
Крвна слика, биохемиски анализи (гликемија, липиден статус, протеински статус-вкупни протеини да се повеќе од 60 гр/л, деградациони продукти,ензимски статус, CRP). Анализи за инфекции преносливи преку крв (хепатит Б, хепатит Ц, ХИВ и силфилис), како и крвна група со скрининг на антитела.
Анита Буховски
Можеби ќе ве интересира
Отворен граничниот премин Богородица по четири часа блокада
Филипче повторно повика пратениците да ја потпишат декларацијата на СДСМ за мигрантите
МАКЕДОНИЈА ИМА СИЛА ДА БИДЕ НОРМАЛНА ЗЕМЈА: Тошковски вели дека сме станале вистински Европјани
„ВИСТИНАТА Е ДЕКА МИНАТАТА ВЛАСТ ИЗРАБОТИЛА НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ПРИФАЌАЊЕ МИГРАНТИ 2017-2027“: Мицкоски за темата со мигрантите
Стафа примил мито од 50.000 евра за да влијае кај судија
СЕ ОГЛАСИ ДИМИТРИЕВСКИ ЗА МИГРАНТСКИТЕ КАМПОВИ: „ЗНАМ нема никогаш да даде поддршка“
Крај на опасната крстосница во Аеродром: Се поставува семафор на улицата Васко Карангелески
ТОШКОВСКИ ПОТВРДИ ДЕКА Е УАПСЕН ПОРАНЕШНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА: Повеќе детали најавува наскоро
ВИДЕО: ДЕЦА КРВНИЧКИ СЕ ТЕПАА ВО САРАЈ: ОЈО побара судска постапка спрема 5 деца




