Дали навистина може да се избрише границата меѓу Косово и Албанија?
Објавено во: Балкан 04 Август, 2018
Aлбанскиот министер за дијаспора, Пандели Мајко, најави дека од јануари 2019 година ќе нема граница меѓу Албанија и Косово.
Но, овие изјави треба да се гледаат како средства за пропагандистичко конзумирање и изборни гласови, отколку како нешто што реално може да се случи наскоро, пишува денеска весникот „Коха Диторе“.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Мајко во средата во Скендерај им порача на косовските Албанци дека од 1 јануари 2019 ќе започне слободното движење меѓу Албанија и Косово. Тој рече и дека таа одлука веќе ја донел премиерот на Албанија, Еди Рама.
„Тие што ќе ги посетуваат двете земји нема веќе да бидат запирани од граничната полиција на двете страни. Ако се оди како што треба, „шенгенот“ на двете земји ќе стапи во сила на 1 јануари 2019 година“- изјави Мајко во Скендерај.
Тој во Скендерај учествуваше на манифестација за косовската дијаспора, на која присуствуваа и косовскиот премиер, Рамуш Харадинај и претседателот Хашим Тачи, кои не реагираа на изјавата за бришење на границата.
За Србија ова е реализирање на идејата за Голема Албанија.
Од меѓународната заедница немаше реакција за оваа најава за укинување на границата.