15 Мај, 2024
0.0263

ДАНОЦИТЕ ЌЕ ГИ „ЛАПНАТ“ И ПЕНЗИИТЕ: намален интерес за третиот столб, помалку пари во пензија

Објавено во: Финансии 21 Декември, 2022

Добивај вести на Viber

Намален интерес за уплати во третиот пензиски фонд, намалување на профитабилноста на секторот, несигурност поради даночните измени, успорување на развојот... Ова се дел од штетите кои ќе ги предизвикаат измените на Законот за данок на личен доход кај доброволното пензиско осигурување. Од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС за „Фактор“ велат даночните измените негативно ќе влијаат на секторот.

Пензискиот систем во Македонија е поставен на три столба. Пензиско и инвалидско осигурување врз генерациска солидарност (прв столб) и капитално финансирано пензиско осигурување (втор и трет столб), што им овозможува на граѓаните средства за старост од три извори. Со измените се укинува даночното ослободување за придонесите уплатени во доброволен пензиски фонд од страна на работодавач. Промена во еден од столбовите се рефлектира и на останатите, особено оти ова пензиско осигурување функционира над 10 години врз точно определени параметри – објаснуваат од МАПАС и потенцираат дека доброволното пензиско осигурување како продукт има социјална димензија и треба да се диференцира од останатите финансиски продукти.

Според нив, егзистирањето на даночни поволности и нивно унапредување би значеле придонес во поддршката на работодавачите и заедничка спрега на државата и работодавачите за развој на доброволното пензиско осигурување како еден од столбовите на реформираниот пензиски систем.

- Укинувањето на ослободувањето води до правна несигурност за членовите во третиот столб и до намалување на уплатите. Со третиот столб се обезбедија предуслови за воспоставување професионални пензиски планови во процесот на усогласување на системот на социјално осигурување во Македонија со оној во Европската унија. Поголемиот дел од доброволните пензиски системи како и македонскиот не би успеале без стимулации, како поволно оданочување, буџетски доплати или друг поттик. Ослободувањето од плаќање персонален данок на доход на износ до четири просечни месечни бруто плати, преставува најголема стимулација за долгорочното штедење на граѓаните и зголемување на социјалната сигурност – појаснуваат од МАПАС.

Додаваат оти пензиските друштва очекуваат укинувањето на даночното ослободување да придонесе кон намалување на бројот и износот на уплатени придонеси во доброволните пензиски фондови, што би довело до избегнување на плаќање на овој вид на доход и соодветно намалување на даночната основица.

- При воспоставување на доброволното пензиско осигурување меѓународни консултанти  утврдија дека за развој е потребно даночно ослободување. Регулативата предвиде оти даночно ослободување до четири месечни бруто плати на долг рок ќе даде редовна уплата за учесниците во професионалните пензиски шеми. Работодавачите ја видоа оваа можност корисна за вработените како бенефиција за задржување и мотивација, а државата ја подржа за овозможување поголеми приходи за граѓаните во пензија. Со усвоените даночни измени се предвидува целосно укинување на даночното ослободување – објаснуваат од МАПАС и додаваат оти честите измени на даночните политики создаваат правна несигурност и го успорува развој на овој сегмент и негова понатамошна диверзификација и одржливоста на пензискиот систем во целина.

- Идните осигуреници може да изгубат интерес за услугите во доброволните пензиски фондови, а со тоа да се намалат уплатените придонеси во трет столб што ќе влијае и на намалување на приходите по пензионирање – дополнуваат од Агенцијата.

ПЕНЗИСКИТЕ ДРУШТВА ОЧЕКУВААТ ЗАГУБИ

Од Друштво за управување со доброволни пензиски фондови ВФП пензиско друштво за „Фактор“ велат дека доброволното пензиско осигурување во Македонија е малку развиено иако воведено пред 13 години.

- Свесни сме за притисокот кој ќе се наметне во иднина врз првиот столб поради стареење на населението. Ваквата ситуација создава потреба државата да размисли за дополнителни мерки за стимулирање на овој сектор, олеснувања или бенефити за младите кои на време ќе почнат да се грижат за пензијата, ако сакаме повеќе граѓани да имаат поголема благосостојба во пензија. Воведувањето даноци минорно би помогнало во собирање средства во буџетот, секторот се уште не е доволно развиен, а може да придонесе кон стагнација или опаѓање - објаснуваат од друштвото.

Објаснуваат дека промените во даноците се во однос на тоа кога се наплатува данокот на личен доход за уплатата во доброволен пензиски фонд преку професионална пензиска шема. До сега, оданочувањето било при исплата на пензискиот надоместок, а сега при уплата од компанијата, со што средствата ќе се инвестираат во нето износ.

-  Ова значи дека корисникот ќе има помал износ расположлив за оплодување низ времето, но ризикот од зголемување на даночните стапки во иднина се избегнува, бидејќи на тој износ е платен данокот при самата уплата. Изненадува фактот дека данок се плаќа и на разликата од оплодените средства и уплатените средства, при исплата на пензиски надоместок, што всушност посочува дека се наплатува еден вид данок на капитална добивка на заштедата на членовите. Ова не е резултат на моменталните промени, но е чудно, бидејќи до сега, кај останатите финансиски инструменти не се наплатуваше данок на капитални добивки, додека во доброволното пензиско осигурување се наплатува, иако е сегмент со голема социјална компонента и начин на долгорочно штедење. Ова, државата би можела во иднина да го промени, да го изземе ваквиот данок за штедењето во доброволен пензиски фонд, бидејќи дава чувство на нефер даночен третман во однос на останати форми на штедење – потенцираат од ВФП.

Според нив, даночните промени не наметнуваат промени кај компаниите, бидејќи износот на уплатите е флексибилен, компаниите не мора да плаќаат поголем износ за вработените туку можат да продолжат како и до сега, а во иднина сумата ќе биде намалена за данокот. Дополнителна работа на компаниите ќе им биде подготвување на рекапитулар за данокот за вработениот. Додаваат дека измените можат сериозно да влијаат врз заработката на друштвата, ако опадне интересот на компаниите поради потребата на почеток да биде платен данокот, наместо при повлекување.

НЕГАТИВЕН ОДРАЗ ВРЗ ДОБРОТО НА ГРАЃАНИТЕ

Претставниците на Триглав пензиско друштво велат дека поскапување на услугите нема да се случи, бидејќи не е данокот на услугата која Друштво ја дава, туку данок на личен доход. Според нив, измените ќе влијаат негативно врз интересот на компаниите да креираат професионални пензиски шеми или да доплаќаат во нив за своите вработени, што негативно би се одразило врз доброто на граѓаните.

-  Доброволното пензиско осигурување игра важна социјална улога, примарна задача е да овозможи поголема материјална сигурност во пензија. Оттука, за поздравување е потегот да се задржи третманот на уплатените доброволни придонеси во рамките на професионалните пензиски шеми во износ до две просечни бруто плати по вработен, како признат расход за работодавачите при утврдувањето на даночната основа за данокот на добивка. Од друга страна се укинува ослободување од оданочување на придонеси во доброволен пензиски фонд за вработените лица и обврзник кој остварува доход од самостојна дејност. Укинувањето ќе влијае дестимулирачки кон компаниите кои се потенцијални финансиери на професионална пензиска шема за своите вработени, особено што износот по вработен, кој беше предмет на даночно ослободување во неколку наврати беше намалуван – појаснуваат од Триглав пензиското друштво.

Предвидено е во рок од три месеци од влегувањето во сила на законот да бидат донесени подзаконските акти со кои подетално ќе биде пропишан начинот на утврдување, пресметување и плаќање на данокот за уплатените придонеси во доброволен пензиски фонд. И, во таа насока, очекувано е да се движат и активностите на компаниите за прилагодување кон новите законски решенија. Посочуваат дека ако се намали износот на уплатените придонеси или уплатите целосно запрат би резултирало со пониска пензиска заштеда за членовите на пензиската шема и понизок износ на надоместок во иднина, а со тоа и помала социјална сигурност.

-  Со цел фер даночен третман во доброволното пензиско осигурување, добро е да се размисли за даночно ослободување за остварената добивка од инвестирање на пензиската заштеда на членовите на доброволните пензиски фондови, во случаите кога исплатата на пензискиот надоместок се врши како доживотен месечен доход, поради фактот што сега пензиската заштеда се формира од средства кои се оданочени. На тој начин би се постигнал двоен ефект за граѓаните – повисок нето износ на пензискиот надоместок и стимулација на населението за наменско користење на пензиската заштеда во форма на месечно дополнување кон старосната пензија и праведен даночен систем – појаснуваат од Триглав пензиско.

Сметаат дека може да дојде до намален интерес во однос на понатамошните уплати на придонеси во доброволниот пензиски фонд, што би водело кон намалување на основиците за пресметка на надоместоците и негативно би се одразило врз приходите и остварениот финансиски резултат, штозначи помал приход за државниот буџет по основ на данок на добивка. 

ЗНАЧИТЕЛНО НАМАЛЕН ИНТЕРЕС, ПА И ЦЕЛОСЕН ПРЕКИН НА УПЛАТИ

Доброволното пензиско осигурување содржисоцијална компонента, со оглед на примарните цели - поголема материјална сигурност по пензионирањето, велат од Сава пензиско друштво и додаваат дека исполнување на целите е во согласност со државната стратегија за задржување на младиот квалификуванкадар. Поволниот даночен третман на професионалните пензиски шеми значи попривлечни услови на македонскиот пазар на труд и можност за подобрени демографски движења.

-  Диверзификацијата во пензискиотсистем е во насока на обезбедување на долгорочна солвентност на државниот пензиски фонд .Со укинување на даночното ослободување очекуваме на краток рок поголем дел од компаниите или значајно да ги намалат износите кои ги уплаќаат за своите вработени или комплетно да прекинат да уплаќаат, а тоа посебно се однесува на компании кои одлучиле да формираат професионална пензиска шема поради даночнитеослободувања – велат од Сава пензиско друштво.

Дополнуваат дека сега се исправени пред предизвик да го прилагодат промовирањето на производот пред работодавачите инеговата предност пред останати форми на стимулирање. Исто така посочуваат дека со оглед дека се очекува намалување на придонесите кои ги уплаќаат работодавачите, да влијае на основните приходи на Друштвото, надоместокот од придонеси и управувачката провизија.

-  Нема да води кон поскапување на нашите услуги. Има ред негативни ефекти на системот во целина, на членовите на постоечките пензиски шеми, на идните членови, на довербата во пензискиот систем која се нарушува со честите промени на регулативата во клучните сегменти. Со измената во Законот за данок на личен доход и укинувањето на даночното ослободување приуплата на придонеси во доброволен пензиски фонд од страна на работодавач кој организира пензиска шема, се воведува оданочување на целокупниот износ на уплатен придонес, што понатаму ќе се земе предвид при исплатата на пензискиот надоместок при утврдување наосновицата за оданочување и пресметаниот данок, со цел избегнување на двојно оданочување – дополнуваат од Сава.

Петранка Огнаноска

Можеби ќе ве интересира

МАКЕДОНЦИТЕ НАЈМНОГУ ПАРИ ТРОШАТ НА „БУКИНГ“, „АМАЗОН“ И „ВИЗЕР“ - лани во странство се потрошени 573,4 милиони евра

МАКЕДОНЦИТЕ НАЈМНОГУ ПАРИ ТРОШАТ НА „БУКИНГ“, „АМАЗОН“ И „ВИЗЕР“ - лани во странство се потрошени 573,4 милиони евра

СЕКОЈ ТРЕТ НЕДВИЖЕН ИМОТ ВО ХРВАТСКА ГО КУПУВА СТРАНЕЦ: Еве ги најскапите квадрати на Јадранот

СЕКОЈ ТРЕТ НЕДВИЖЕН ИМОТ ВО ХРВАТСКА ГО КУПУВА СТРАНЕЦ: Еве ги најскапите квадрати на Јадранот

ЗА АПРИЛ Е, АМА НЕ Е ШЕГА - кои две моќни акционерски друштва свртеа над 4 милиони евра од берзанскиот промет

ЗА АПРИЛ Е, АМА НЕ Е ШЕГА - кои две моќни акционерски друштва свртеа над 4 милиони евра од берзанскиот промет

НОВИОТ ШЕФ НА КРИПТО ГИГАНТОТ ТЕТЕР СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ГЛОБАЛНА АПОКАЛИПСА: Еве што се случува

НОВИОТ ШЕФ НА КРИПТО ГИГАНТОТ ТЕТЕР СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ГЛОБАЛНА АПОКАЛИПСА: Еве што се случува

ГЕРМАНЦИТЕ НЕ ПЛАЌААТ ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА: Сериозно го стегнаа ќесето, а сето тоа треба да го трпат вработените!

ГЕРМАНЦИТЕ НЕ ПЛАЌААТ ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА: Сериозно го стегнаа ќесето, а сето тоа треба да го трпат вработените!

Многу желби – еден кредит! Нов хипотекарен кредит на УНИБанка

Многу желби – еден кредит! Нов хипотекарен кредит на УНИБанка

РАЗМИСЛУВАТЕ ЗА СЕЛИДБА ВО АМЕРИКА? Ова се цените на куќите во 30 поголеми градови - Њујорк и Лос Анџелес не се најскапи

РАЗМИСЛУВАТЕ ЗА СЕЛИДБА ВО АМЕРИКА? Ова се цените на куќите во 30 поголеми градови - Њујорк и Лос Анџелес не се најскапи

ДЕНЕС ИСТЕКУВА РОКОТ ЗА КОРИСТЕЊЕ ДИНАРИ ВО КОСОВО - од утре смее да се плаќа само со евра

ДЕНЕС ИСТЕКУВА РОКОТ ЗА КОРИСТЕЊЕ ДИНАРИ ВО КОСОВО - од утре смее да се плаќа само со евра

ОГЛАС ЗА ПРАЗЕН СТАН ГИ БРАНУВА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ВО СОСЕДСТВОТО: 500 евра, па колку би чинел станот ако е наместен?!

ОГЛАС ЗА ПРАЗЕН СТАН ГИ БРАНУВА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ВО СОСЕДСТВОТО: 500 евра, па колку би чинел станот ако е наместен?!