ДЕНАРОТ „МУ ДИШЕ ВО ВРАТ“ НА ЕВРОТО - денарските заштеди растат побрзо, малку им недостига да ги стигнат оние во странска валута
Објавено во: Финансии 02 Јануари, 2024
Македонските банки тежат од пари. Таков впечаток може да со добие ако се погледнат последните податоци на Народна банка на Македонија, кои се однесуваат за крајот на ноември минатата година, а во врска со состојбата со депозитите во македонскиот банкарски сектор.
Тие податоци говорат дека на крајот на ноември годинава во македонските банки се чуваат дури 8,35 милијарди евра, и притоа помалиот дел од нив се на компаниите, на сума од 2,46 милијарди евра, а поголемиот дел се на граѓаните. Или, заштедите на домаќинствата на крајот на ноември годинава веќе сериозно се доближуваат до 5,5 милијарди евра, односно прецизно, тие тежат 5,48 милијарди евра.
Во однос на еден месец претходно, односно во однос на октомври, вкупните депозити кои достигнале 8,35 милијарди евра, всушност бележат зголемување за 78 милиони евра.
Најголемиот дел од зголемувањето на вкупните депозити се должи на порастот кај депозитите на фирмите, кој изнесува дури 51 милиони евра. Толку пари повеќе фирмите чувале во ноември во однос на октомври лани.
Додека, пак, кај домаќинствата, чии заштеди стигнале до 5,479 милијарди евра, зголемувањето е за над 20 милиони евра. Што значи дека и кај нив, иако има раст, тој е понизок од оној кај компаниите.
Кај штедните влогови на домаќинствата, пак, она што вреди да се спомене е дека целиот пораст се должи на денарското штедење. Или, денарските граѓански заштеди се зголемени за 21,1 милиони евра, со што тие достигнале 2,65 милијарди евра.
Иако, за волја на вистината, денарските заштеди сеуште се пониски од оние кои нашите граѓани ги чуваат во странска валута. Имено, девизните штедни влогови изнесуваат 2,83 милијарди евра. Но, во ноември кај нив имало намалување за околу 800 илјади евра во однос на еден месец претходно.
Трендот на денаризација е посакуван за Народната банка, во смисла да се чуваат повеќе депозити во денари, а затоа и се далеку постимулативни каматните стапки на денарските заштеди кои се чуваат во банките.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.