Дипломати: Растурање на пакетот „Македонија и Албанија“ може да доведе до дестабилизација на регионот
Објавено во: Македонија 02 Октомври, 2019
Од Советот на ЕУ за МИА велат дека од Франција не се очекува да ја дефинира јасно својата позиција најрано до самиот Совет за општи работи на 15-ти октомври во Луксембург, но не е исклучено прашањето да им се остави и на лидерите на ЕУ два дена подоцна на самитот во Брисел, за одлуката дали Македонија ќе добие датум за преговори.
Претседателот Макрон ќе ја носи одлуката лично во име на Франција, велат дипломатите во Брисел.
Според други дипломатски извори во ЕУ, изборот да се носи одлуката на ниво на шефови на држави и влади е стратегија на Париз за справување со притисокот со кој би се соочил од страна на земјите кои ќе бараат брзо отворање на преговорите со двете земји.
Друга непозната е одлуката на Холандија која се очекува идната недела. Според сигналите на холандскиот парламент и холандскиот министер за надворешни работи, многу е веројатно Хаг да побара појасно одвојување помеѓу Скопје и Тирана, односно поголема условеност за Албанија.
Ова е конзистентно и со ставот на германскиот Бундестаг кој неодамна изгласа чиста поддршка за Македонија, но условена за Албанија.
Домашните дипломати стравуваат дека доколку дојде до вакво сценарио, одредени земји членки би можеле да инсистираат на пакетот “Скопје-Тирана“ и да се спротивстават на старт на преговори само со Северна Македонија.
Ставот на овие земји се темели врз страв дека преговори само со Северна Македонија би предизвикало незадоволство во Албанија и би можело да има негативни последици врз стабилноста во регионот како и врз дијалогот помеѓу Приштина и Белград.
Од друга страна, поддржувачите на Северна Македонија потсетуваат дека отсуството на награда за компромисот направен од македонска страна за спорот за името испраќа “многу опасен“ сигнал до Белград, кој “не гледа причина“ да презема политички ризик околу косовското прашање, објаснуваат европските дипломати кои се запознаени со содржината на дискусиите помеѓу земјите членки.