Дипломатите во посета на Витаминка, компанијата бара нови пазари за извоз
Објавено во: Економија 20 Февруари, 2013
Во рамките на проектот за промоција на македонските извозни капацитети, Министерството за надворешни работи денеска за претставниците на дипломатскиот кор во земјава организираше промоција на потенцијалите на прилепската компанијата АД „Витаминка“.
Како што истакна Министерот за надворешни работи Никола Попоски покрај обидите на Министерството за привлекување странски инвеститори, тие се обидуваат да ги поттикнат и дипломатите присутни во Македонија повеќе да истражат, да најдат можности и да отворат перспективи и пазари за инвестирање.Тој притоа истакна дека прилепскиот регион е интересен за инвестирање, а индустриските зони Прилеп 2 и 3, како и развојно-технолошката зона „Алинци“ се подготвени за да ги понудат сите услови, инфраструктурни и со ниски даноци за влез на странските инвеститори. Според директорот на „Витаминка“ Сашо Наумоски компанијата, иако извезува во многу земји, сепак има многу пазари каде треба да се пробие. Тој посочи и дека меѓу дваесеттината претставници на странски земји, има држави каде компанијата нема пласман како Катар, Словачка, Велика Британија и Холандија во која се извезува преку Германија. За време на посетата на Витаминка, амбасадорката на Холандија, Мариа Хенриета Шурман посочи дека Холандија е расположена да помогне за развојот на земјава и нагласи дека и таа самата додека е во Македонија се обидува да купува македонски производи.Витаминка е фабриката која со 40 отсто од производството е извозно активна, но има добар дел земји каде допрва треба да се пробие. Основна дејност на компанијата е производство на прехранбени и кондиторски производи.