„Доколку не се остварат ризиците, олабавување на монетарната политика во втората половина од годинава“: гувернерката Ангеловска-Бежоска за ВОА
Објавено во: Финансии 19 Април, 2024 10:31
Пролетните проекции за инфлацијата во земјава на Меѓународниот монетарен фонд се слични со есенските очекувања на Народната банка, дека инфлацијата ќе се намалува и годинава за околу 4 отсто и за околу 2 проценти догодина, во просек. Трендовите се поволни и доколку инфлацијата и натаму се намалува во согласност со проекциите, без да се остварат позначителни ризици, тоа ќе создаде простор за промена на монетарната политика во втората половина од оваа година, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Гласот на Америка, коешто го даде за време на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
Говорејќи за економскиот раст, таа укажа дека со оглед на големата трговска и финансиска отвореност на нашата економија, изгледите за растот годинава и догодина, покрај од домашните фактори, во голема мера ќе зависат и од глобалните случувања. Според најновите проекции на ММФ, глобалната економија и натаму би растела со стабилна стапка од 3,2 отсто во 2024 и во 2025 година, што сепак е малку подобро од претходните очекувања. Низ подолгорочна перспектива, овие стапки на економски раст се историски ниски, што говори дека кризите оставија подолгорочни последици врз глобалната економија. За ЕУ, којашто е нашата најзначајна економска партнерка, се очекува постепено забрзување на растот, односно од 0,5 проценти во 2023 година на 0,9 отсто и на 1,7 проценти за годинава и за следната, но тоа сепак е побавно во однос на претходните очекувања. За македонската економија, ММФ направи надолна ревизија за годинава, односно 2,7 отсто во споредба со претходните очекувања од 3,2 проценти.
Гувернерката посочи дека Народната банка работи на пролетните макроекономски проекции за нашата економија, во кои ќе бидат вклучени најновите расположливи податоци. Пролетните проекции на Народната банка ќе бидат објавени во текот на следниот месец.
Во интервјуто, гувернерката се осврна и на постојаните напори на Народната банка за јакнење на транспарентноста, што беше препознаено и од испитаниците на анкетата спроведена од Светската банка, кои ја препознаа Народната банка како домашна институција со најголема доверба. Гувернерката говореше и за значењето на поддршката за женското претприемаштво, коешто може да придонесе за подигање на економскиот раст. За таа цел се и активностите на Народната банка со новиот Меморандум за поддршка на женското претприемаштво, којшто неодамна го склучи со ЕБРД. Со овој проект, Народната банка го проширува опфатот на своите активности во овој домен и како предводник на проектот, ќе работи заедно со јавниот и со приватниот сектор за зголемување на финансиската вклученост на жените, што ќе придонесе за отворање нови бизниси и работни места и за придвижување на економскиот раст.
Можеби ќе ве интересира
АЛАРМАНТНО: Хрватите соопштија колку работници ќе им требаат во следните пет години
АЛТА БАНКА ЈА СТОПИРАШЕ ОДЛУКАТА ЗА КАДИЕВСКА ВОЈНОВИЌ - поранешната вицегувернерка сепак нема да биде дел од УО
СО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ ОБЈАВЕНИ ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ШТО НЕ ПОДНЕЛЕ ИЗЈАВА ЗА ИМОТНАТА СОСТОЈБА: Меѓу нив се и дел од старо новите скопски градоначалници
Ова се просечните годишни плати во европските земји: Разликите се огромни, еве зошто
Рекорд на сите времиња: Илон Маск е најбогатиот човек во човечката историја
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Голем скандал во автомобилската индустрија: Возачите плаќале повеќе, производителите на батерии казнети со 72 милиони евра
Димитриеска-Кочоска: Буџетот е во одлична кондиција и обврските нема да останат несервисирани
Европските индекси растат, цените на златото повторно се близу до историски максимуми




