Доктор издавал лажни лекарски уверенија-здрави граѓани се прават неподвижни за да гласаат утре!
Објавено во: Македонија 09 Декември, 2016
МВР разгледува незаконско издавање на лекарски уверенија на граѓани со цел тие наместо во недела на 11 декември, да гласаат во сабота на 10 ноември како болни и немоќни лица во домашни услови.
Пред една недела до министерството e доставена пријава во која е наведено дека постои сомнение дека од страна на доктор М. И., вработена во ЈЗУ ,,Геронтолошки завод 13 Ноември” се издадени повеќе специјалистички извештаи за пациенти со невистинита содржина за нивната здравствена состојба (неподвижен) од што произлегува сомнение за сторено кривично дело по член 381 ст.1 ,,Издавање и употреба на невистинито лекарско или ветеринарно уверение”.
Како што информираат оттаму од извршениот увид во доставената документација во прилог на пријавата е констатирано дека посочената докторка на ден 25.11.2016 година во временскиот период од 12:34 до 15:43 часот издала 15 специјалистички упати и 15 специјалистички-субспецијалистички извештаи, а на ден 28.11.2016 година во временскиот период од 11:11 до 11:38 издала 14 специјалистички упати и 14 специјалистички-субспецијалистички извештаи.
„Извршени се проверки од страна на МВР во Државната изборна комисија на Република Македонија, при што е констатирано дека лицата наведени во Барањето до Општинска изборна комисија на Општина Ѓорче Петров, имаат доставено Известување со кое ја известуваат Општинската изборна комисија дека од здравствени причини не се во можност да го остварат своето избирачко право на избирачкото место на кое што треба да гласаат на престојните парламентарни избори во Република Македонија кои што ќе се одржат на 11.12.2016 година и воедно барат Општинската изборна комисија да им овозможи да гласаат во домашни услови. Во прилог на известувањето е доставена и медицинска документација, односно извештај на специјалистот-субспецијалистот од ЈЗУ” Геронтолошки завод 13 Ноември- Скопје”, заверен со факсимил и потпишан од страна на М. И.. МВР изврши службени разговори со директорот на ЈЗУ “Геронтолошки завод 13 Ноември”, со докторката М.И., како и со членовите на комисијата која ги посетувала подносителите на барањата во нивните домови и констатирала дека истите се “болни и неподвижни”, Ј.Ј, Л.Ј. и П.М., сите вработени во оваа институција како медицински лица. По преземањето на повеќе оперативно-истражни мерки констатирано е дека дел од лицата на кои од ЈЗУ “Геронтолошки завод 13 Ноември - Скопје” им се издадени специјалистички извештаи со дијагноза ,,не се движи, односно тешко се движи” и истите од нивна страна се употребени во Државната изборна комисија, всушност се во добра здравствена состојба, а некои од нив редовно одат на работа“, соопштија од надлежното министерство.
Случајот се расчистува.