ДОСИЕ МАКЕДОНИЈА -БУГАРИЈА: Дали ќе се затвори епохата на омраза ?
Објавено во: Македонија 21 Јуни, 2017
Историска
изјава на премиерот на Бугарија, Бојко
Борисов. Источниот сосед дава целосна
поддршка за членство на Макдонија во
НАТО и Европската Унија. “Дестабилизацијата
на Македонија ќе значи дестабилизација
на границите. Ние сакаме стабилна земја
“ - изјави премиерот Борисов. Дали
средбата Заев-Борисов може да биде
увертира во затоплување на односите
меѓу двете земји и обезбедување на
гаранција дека Бугарија нема да ја
блокира Македонија на патот кон ЕУ и
НАТО?
Софија и Македонија на чекор до потпишување на Договор за добрососедство ...
Бугарија, првата земја која ја призна државноста и независноста на Македонија, сега демонстрира и отворена поддршка за членство на Македонија во НАТО и Европската Унија. Дел од експертите оценуваат дека премиерската средба Заев-Борисов може да биде вовед во затворање на одредени значајни прашања меѓу двете земји.
“Владата на премиерот Борисов е подготвена да даде соодветна поддршка на нашата земја во исполнување на евроатлантските аспирации. Мотивите се повеќекратни, почнувајќи од сопственото позиционирање како земја членка на ЕУ која директно придонесува за спроведувањето на надворешната политика на ЕУ кон земјите кандидати, за намалување на отворените прашања во Регионот и негово насочување кон помирни води, затворање на одредени прашања од нејзин интерес, и конечно започнување на ново поглавје во меѓусебните односи на двете држави“ - вели амбасадорот Данчо Марковски, претседател на Дипломатскиот клуб на Македонија.
Македонија и Бугарија според оценките, се на чекор до историска пресвртница. Се очекува да се потпише Договор за доброососедство. Според информациите, останува да се договорат уште неколку детали кои ќе треба стручно службите да ги затворат. За преговори, повеќе нема да состаночат комисиите. Преговорите ќе се префрлат на министерско ниво, каде кабинетите ќе се го финализираат договореното. Клучниот Договор за добрососедство, кој треба да стави крај на дел од отворените прашања, можно е да биде потпишан ова лето – на Илинден.
“Разговаравме, ги приближивме ставовите кон потпишување на договор и тој договор би можело да се потпише ова лето – добрососедство, ни остана уште многу малку. Заедно ќе го прославиме Илинден во Македонија на 2 Август. Се согласивме тогаш да го потпишеме договорот за соработка меѓу нашите две земји. Премиерот Борисов ќе ја посети Македонија и ќе се поклони пред споменикот на нашата историја. Ние денеска ќе се поклониме пред споменикот на цар Самуил во Софија“ -изјави премиерот Заев.
Ја поддржуваме Македонија кон евроатланските интеграции, дестабилизацијата на Македонија ќе значи дестабилизација на границите, а ние сакаме стабилна земја, рече бугарскиот премиер Борисов.
“Убеден сум дека ако се сосредоточиме врз инфраструктурни објекти, за десет години и Балканот и другите земји ќе се поинакви. За договорот сме многу блиску. Станува збор за термини кои сакаме да бидат напишани, за да нема никакви дискусии и можности за претензии од една или другата страна“ -оцени Борисов.
Според експертите, средбата Заев-Борисов треба да се искористи и во насока на зајакнување на економските релации.
“Важноста на посетата освен од политички план треба да се анализира и од економско, научен и културен аспект. Во оваа насока граѓаните од своите влади очекуваат конкретизирање на инфраструктурното поврзување, железница и автопат, со што ќе дојде до конечна реализација на коридорот 8 кој во изминатите години освен декларативната заложба не успеа да направи некој позначаен исчекор. Впрочем и двајцата премиери се повеќе од убедени дека натамошното продлабочување на економско - трговската соработка е основата според која се мерат односите меѓу Македонија и Бугарија“ - оценува Марковски.
Како чекор кон затоплување на меѓусоседските односи е и договорот во Софија една улица да го добие името на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, а во Македонија по поранешниот бугарски претседател Жељу Жељев.
На хартија – бугари, во душтата – Македонци ?
Оспорувањето на македонскиот идентитет, јазик и култура од страна на соседна Бугарија се претовори и во закана дека поради овие прашања, Бугарија е подготвена да ја блокира Македонија кон евроатланските интеграции. Иако географски блиска. Изминатите децении Бугарија беше сосед “далечен“ за Македонија. Во 2006 година Бугарија почна да ги испраќа и првите сигнали-пораки до македонските власти во однос на отворените прашања, а нова реалност донесе и членството на Бугарија во Европската унија, на 1 јануари 2007 година.
Додека за Бугарија сеуште има “проблематични“ прашања, за македонските граѓани – источниот сосед се покажа како траса до европските земји. Поразителни се податоците кои ја отсликуваат состојбата со земање на бугарски пасоши, а со тоа и бугарско државјанство во името на “егзистенција“. Така, во изминатите десеттина години скоро 58 000 Македонци добиле бугарски пасош – докажувајќи дека се Бугари , добивајќи бугарско државјанство а со тоа и пасош како “виза“ кон земјите од Европската унија. Земајќи ги предвид и државјанствата што се добиени од други земји членки на ЕУ, според Евростат, од 2005 година повеќе од 106 000 Македонци станале Европејци.
Д.А.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.