ДРАМАТИЧЕН РАСТ НА БЕРЗАТА - што ги „позелени“ сите акции
Објавено во: Финансии 10 Јануари, 2020
Драматичен раст на Берзата се случува денеска. Берзанскиот индекс веќе досега има голем пораст за 2,73 отсто, а во нагорна линија, односно во зелената зона се акциите на сите најдобри компании со кои се тргува на пазарот на капитал и го сочинуваат Македонскиот берзански индекс МБИ 10.
Брокерите со кои разговаравме будно ја следат состојбата. Тие лоцираат неколку причини зошто расте берзанскиот индекс. Во основа, станува збор за очекувања за значајни дивиденди кои треба да ги поделат компаниите, откако првично во февруари се очекува да ги објават финансиските извештаи со резултатите со кои ја имаат завршено годината. Сепак, тука значајна улога играат и смирувањето и оптимизмот на межународните пазари, до кои дојде по намалувањето на тензиите на релација САД-Иран, како и во очекување на потпишувањето на договорот со Кина. Според брокерите, позитивниот сентимент на Берзата настана и поради очекуваниот влез на земјава во НАТО, што зајакна откако во Шпанија се формираше Влада.
„Позитивниот тренд на раст на Берзата трае веќе две години. Но, кулминираше денеска, а може да се каже дека е комбиниран резултат на се поизвесниот влез во НАТО, но и од очекуваните дивиденди од компаниите, кои резултатите од своето работење за цела 2019 година треба да ги објават во февруари. Во зелено се акциите на сите компании од индексот, но него најмногу го влечат „Алкалоид“ и Комерцијална банка, кои учествуваат со најголем пондер“, вели Коста Костадиновски од „Илирика“.
„Главна причина, според мене, се очекувањата за дивиденда, но и поволниот амбиент на меѓународните пазари, односно олеснувањата поради намалените ризици од претходното заострување на кризата на Блискиот Исток, што создава сентимент кој ги охрабрува инвеститорите, а во очекување и на потпишување на договорот со Кина“, објаснува Горан Марковски, КБ Публикум Инвест.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.